Кога во муабет, случајно или намерно, ќе слушнат дека доаѓам од Лондон, веднаш на сцена стапуваат коментари со карактеристични предрасуди. Како маглата, издржувате ли, се препознавате ли, се губите или се удирале едни во други? И како тоа возењето на погрешна страна, леле значи тоа Енглезиве, сите право, тие наопаку, и воланите на автомобилите… Плус, не само што возат на лева страна, ами сум слушнал/а дека и одат на лева страна од улиците и ходниците, точно е тоа? А и храната не им е нешто на ниво, добро, Лондон и така- така, ама мрдни надвор од главниот град и освен разварено месо со разварени зеленчуци и компири, нема нешто асолно да се јаде, нели? И капак на сѐ, аман, нонстоп ви врне таму, се раскиселивте и само со чадори сте, и зиме и лете, така?
Е, па сега, жабри уште не ни пораснале. Она другото погоре, освен маглата, нешто е точно, нешто не е, мислам за коментарите и предрасудите, и покрај тоа што има и други градови низ Европа за кои може да се примени погореизнесеното, но не би сакала да се замерам со некои мои пријатели од таму, па нема да ги спомнам. Ама си знаат тие.
А до каде сте…
Но, последната година, кон сите овие прашања се приклучи и најновото – а, Лондон, Британија, а бе до каде сте вие со тоа брегзитот? Ќе излегувате ли (веќе еднаш)? Или се предомисливте? Што правите? Уште гласате? Таа вашата Тереза Меј (демек и мојата, а само двапати ја имам видено во живо, што не ме прави блиска со нејзе) уште не ја сменија/ поднесе оставка/не си отиде? Кога ќе си оди? Зошто не може пак да ѝ изгласаат (не)доверба? До кога е рокот? Што се случува? Што ќе се случи, кои се варијантите и до кога ќе се гласа без резултат? Како тоа не можеш да предвидиш што ќе се случи, па ти живееш таму, го следиш парламентот и британската политика, имаш колеги новинари и пријатели политичари и би требало да знаеш. Велиш, не знаеш? И тие не знаат? Их и хммм…
Па, видете вака, состојбите со излегувањето на Обединетото Кралство се толку заплеткани и навлезени во зоната на заговори, договори и освојување на власта во државата, па евентуално излегување од политичкиот ќорсокак би биле, најверојатно – нови избори. Во друга варијанта – нов референдум, со нови избори. Меј подготвува ново гласање за брегзит кое најверојатно пак нема да ѝ пројде. Што ме потсети на вицот со вљубениот Еским кој го раскажав минатата недела во Скопје на гостувањето во 1ТВ кој оди вака. Ескимот си ја чекал љубената на состанок во 6. Дошло 7, нејзе ја немало. Па рекол, ќе чекам до осум, па ако не дојде до 9 некаде околу 10 сериозно ќе се загрижам, а во 11 ќе размислам дали во 12 ќе заминам зашто имам и јас карактер… Ама, па и 1 не е премногу доцна па… Ова е кусата сторија за Меј упорната, која ќе чека до 1, оти не е премногу доцна па… А, тогаш можеби ќе каже кога ќе си оди.
Наивни и власт и гласање
А веќе има кандидати кои едвај чекаат да седнат на жешкото столче премиерско. Зошто се прашувам јас, вие и уште некои разумни луѓе, додека трети пак не гледаат од страна и си велат – што ги гледам овие што се прашуваат толку наивни, па власт е тоа.
И во целата оваа ситуација, затоа што не можеше да биде доволно компликувано за да не биде уште повеќе, има и уште едно гласање. Нема бегање од Европа, сакале Британците тоа или не. Има да се гласа – за Европскиот парламент. Додека го читате овој текст, сите оние со право на глас кои се пријавиле, дошле на гласачките места и гласале, си го оствариле своето гласачко, демократско право и претпоставувам дека веќе ги има резултатите. Зашто не се чека со денови, обично веќе следниот ден се знае која партија освоила најголем број гласови, односно чии претставници ќе ги застапуваат британските ставови. Какви британски ставови? До кога? Нешто не ви е јасно?Не сте единствени. Британците кои гласаа за излегување од ЕУ и имаат рок до 31 октомври да изгласаат соодветен договор, сега решија да гласаат и гласаа за европратеници? За пратеници во Европскиот парламент? Во Европа? Од која сакаат да си одат? Е да.
Некој можеби ќе каже дека Британците сакаат да бидат посебни. И да ви кажам право, тој некој воопшто нема да згреши. Тој некој е сосема во право.