Писма од Лондон: Кога политичарите лажат – дајте ги на суд!

Некој што конкурира за некоја одговорна позиција за кој мислите дека лаже, ама немате пари за адвокат ниту можности да поведете постапка против? Вие немате, ама има други што мислат исто како вас и ете можност за собирање мали суми од голем број луѓе.

913

Пред десетина години, да спомнавте тука „краудфандинг“ ќе ве гледаа како да сте кажале нешто на германски. Но денес за ова се водат муабети во разни друштва со пивце и винце и чајче и филтрирана вода и е нешто што последните години е мошне популарно во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Тоа е, всушност, практика за финансирање проект или потфат со собирање мали суми од голем број луѓе. Типично, преку интернет. Ова е алтернативно финансирање. Банките не ви даваат пари за отворање подвижен бутик со веганска облека зашто мислат дека тоа нема шанси да успее, вие сте малку чудни, изгледате благо кажано налудничаво и облечени сте како лудиот шапкар од Алиса во земјата на чудата? Нема проблем. Во земјата постојат барем илјада што изгледаат како вас, неколку илјади што мислат како вас, а шансите се дека доколку идејата ви е добра, ќе привлечете доволно да ве финансираат.

И, ете, минатата недела купив чанта од еден симпатичен од алтернативни материјали (чантата, не продавачот, макар што имаше и на него доста алтернативни материјали). Внатрешноста е од рециклирани пластични шишиња (и натаму зборувам за чантата), прекрасна е и помислив на Елеонора, мојата поранешна колешка, сега успешна режисерка, која знам дека ќе се гордее со мене колку што јас се гордеам со себе, и повеќе. Знам, Елеонора, сè за каузата!

Лаги во кампања

Бидејќи овие иницијативи за собирање средства одат преку интернет, на мрежата се етаблираа повеќе сајтови кои, во зависност од тоа што се сака да се почне, ги нудат своите услуги. Тука се кикстартер, гофандми, индигого, патреон, рокетхаб, гогетфандинг, овертују… сите овие наплаќаат процент од собраните пари, нормално, ама оние што пробале, велат дека вреди. И дека овој начин е одличен за креативци, за уметници, за лични активности, за оние што сакаат да започнат свој бизнис, но и за оние на кои им се потребни пари за лекување, за школување или за други лични активности.

Ве изнервирала некоја политичарка или политичар, некоја кандидатка, на пример, за претседателка што изнесувала невистини, некој што конкурира за некоја одговорна позиција за кој мислите дека лаже, ама немате пари за адвокат ниту можности да поведете постапка против? Вие немате, ама има други што мислам исто како вас за гореспоменатата лажга, ете можност за собирање мали суми од голем број луѓе. Кон крајот на месецов лондонски суд ќе има сослушување во процес во кој ќе се зборува дали Борис Џонсон, поранешниот министер во владата на премиерката Тереза Меј, лажел во врска со брегзит. Кампањата наречена „Правда за брегзит“ наведува дека господинот Џонсон ја злоупотребил довербата на јавноста, со тоа што „намерно лажно ги информирал“ гласачите (што ти е англискиот – намерно лажно ги информирал – интеншнали мислидинг) што ќе рече на нашки, ги излажал, тврдејќи дека Британија ѝ плаќа 350 милиони фунти неделно на Европската Унија, пари што можеле да се искористат за домашни потреби, односно за јавното здравство.

Оваа бројка беше испишана на автобус што се користеше во кампањата за излегување на земјата од ЕУ која се покажа како успешна, но ја подели земјата и до ден-денес предизвикува неволји и опаднат кредибилитет.

Поранешниот министер за надворешни работи претходно беше предупреден од надзорниот орган на британската статистика дека бројката што ја изнесува не ќе да е точна и дека е „злоупотреба на јавната статистика“. Ама попусто.

Првото приватно сослушување во судот на Вестминстер ќе се случи веќе идната недела, а покренувачите на кампањата се надеваат дека потоа ќе следува кривичен процес под обвинение за злоупотреба на службена должност – прекршок за кој следува и потенцијална затворска казна! Опааа!

И така, откако беше започнат минатата година, „краудфандингот“ со илјадници поддржувачи успеа да собере повеќе од 370.000 фунти , а обезбеди и поддршка од голем број славни личности.

Приватниот обвинител, 29-годишниот Маркус Бол, кој го отвори случајот против конзервативниот пратеник Џонсон, за јавноста сликовито објасни вака: „Ако директор на компанија ги лаже акционерите за финансиски прашања, тој може да биде кривично гонет. Ако самовработен ги излаже даночниците за приходите и расходите, може да биде кривично гонет. Ако обичен човек ја лаже полицијата кога се води истрага, тој може да биде кривично гонет“. Ова е затоа што, вели Бол, довербата на општеството и јавноста не може да функционира врз лага, врз лажни информации.

Политичарите не се исклучоци

Па, зошто тогаш политичарите да бидат исклучоци!? И зошто тогаш да не можеме да го тужиме Борис Џонсон!? Навистина, зошто? Ова би требало да биде почеток на крајот на лажењето во британската политика, изјави младиот приватен обвинител.

Да бидам искрена, следејќи ја британската, и не само британската политика, тешко ми е да поверувам дека одеднаш политичарите ќе престанат да ги извртуваат фактите и да ја прилагодуваат вистината на своите потреби (што да ви кажам, подолго време употребувам англиските изрази) затоа што можеби евентуално би им се заканил судски процес. Но, за тукашните политичари е многу важен угледот. Да не им се валка името. Да не им се поврзува со нечесни активности или нешто уште полошо. Зашто тоа значи оставка, смена или – крај на кариерата.

Има големи шанси ова да му ги урниса амбициите на Џонсон за премиерското место на кое тој нишани веќе долги години. А не му е нему до парите, ниту до славата, до кариерата му е. И онака добростоечкиот парламентарец, новинар, писател и извртувач на вистината (ама што Англичанка, лажго е човекот) покрај платата држи и говори. За последните два говора заработи 160.000 фунти.

Медиумите побараа изјава од Борис Џонсон за случајот. Ама досега нема никаков коментар. Ниту најавен говор. „Краудфандингот“ го замолча зборливиот Борис. А можеби, ќе си дозволам мала иронија, цената не се погодила.

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...