ПИСМА ОД ЛОНДОН Канти

3349

Сѐ беше фино додека еден убав сончев ден пред нашата куќа не осамнаа две канти. Големи, грди, црни, од тврда пластика. Едната со син капак, за отпад за рециклирање, другата со црн капак, за обично ѓубре. Тие требаше да ги заменат зелената и виолетивата пластична корпа со истите намени, ама општината нѝ кажа дека можеме да продолжиме да ги користиме и едните и другите. И сега, улицата изгледа шаренолико- врие од корпи и канти, оние кои имаат малку поголеми дворови ги наредиле па има канта, корпа, дрвце, корпа, бугенвилија, канта,џбун. Кај оние со помали дворчиња – катанга – настегани тоа кантите и корпите и точаците и тротинетите и некое џбунче кое се бори за живот. Трети пак на кои куќата им е како англиски фудбалски стадион, значи публиката директно залепена до теренот, што ќе рече  од врата се излегува веднаш на тротоар , кантите за отпадоци ги чуваат на тротоарите, зашто тие големите канти не се за дома чување, жив човек може да собере внатре, ако е ситничок. Една дигресија, –коментаторите  на Скај спорт некни со сета сериозност анализираа  дека фудбалерите на Ливерпул можеби биле фрустрирани од теренот на Црвена Звезда кој имал атлетска патека околу, па играчите немале допир со навивачите и затоа загубиле со 2:0. Како поранешен Звездаш, јас на тоа имам да кажам само едно –  пфрпфршпфрш.

Побуна на учтивите

Но, да се вратиме кај кантите. Овој  потег на општината ги вознемири духовите на плаќачите на даноци и тие почнаа да поставуваат прашања- прво почна за кантите, ама со кантите тргна лавината па сега оптшинарите се изложени на баражни напади од до вчера мирните и учтиви граѓани. Кому му текна за грдите канти? Зошто никој не нѐ консултира? Точно дека ги бираме советниците во општината, ама не да прават глупости и да трошат пари без врска. Видете на што нѝ заличија улиците, од убави, со дрвореди и зеленило, сега се кантореди! На неодамнешниот состанок во општината на кој учествуваа претставници од сите области, најголем аплауз и овации доби една повозрасна госпожа која кажа дека сега делови од Вимблдон почнале да заличуваат на комунистичка населба во време на железната завеса, а таа знае од прва рака, зашто дошла тука од Владивосток! Па после се сврте работата на зеленилото. Кој ќе одговара што кога се менуваа тротоарите, работниците со мини булдожерите го уништија секое трето дрвце низ улиците? Кога ќе бидат насадени нови дрвца? Датуми? Име и презиме на одговорните за дрвца, ќе ве молам! Па стана еден испотен, со мозолчиња на лицето и вратот, само што не сум сигурна дали ги имаше или на состанокот му се направија, па туц муц нешто ветуваше, а седумдесеттина раце вредно му ги запишуваа генералиите. А еден можеби и скеч му правеше, ама ај да не претерам, макар што англичаните се пасионирани бранители на зеленилото и речиси сум убедена дека на бубуљичавиот не му се пишува добро ако не ги исполни ветувањата.

Револуцијата зема замав

И таман мислеа оние од инфрастуктурата дека се извлекоа, ама не! Револуцијата на данокоплаќачите земаше сѐ поголем замав. Зошто,ви се молам, по десет пати копате и прекопувате иста улица?! М? А ние го плаѓаме сето тоа? Пазарем не можете да ги соберете оние за гас, за кабловска, за вода и со едно копање да се заврши работата? А не како досега, на кој како ќе му текне отпкопува и закопува, сообраќајот се кочи и гуши и тоа веќе не личи на ништо?! Инфрастуктурците седат во столиците и се се’ помали и тонат и не стигнуваат да одговорат зашто  нешто немаат аргументи. А данокоплаќачите – незапирливи! Почнаа и нема запирање. Во полн замав! Што ви е она, драги општинари, со лежечките полицајци, луѓето ги искршија автомобилите!? Инаку, во многу земји низ  Европа ги напуштија зашто не се ефикасни,ги оштетуваат возилата, а во Лондон  има најмногу камери по глава на жител, така што ни лежечки ни исправен полицаец не е потребен. Ќе те усжними камерата за прекршок, стигнува слика и писмо со казна, плаќаш, ако не дупло, ако не тродупло, ако не –затвор, па ти види.

Па за крај, мојата омилена тема, заштитата на човековата околина. Се донсе одлука сопствениците на дизел возила во општината  да плаќаат 90 фунти дополнително на 168-те за паркирање, односно за тоа дека ги довезле ваквите возила тука. Ако не им одговара, нека си купат на еко бензин, или на струја или на пареа или хибрид или нека возат велосипеди или тротинет ( низ цел свет!) . А општината нека размисли да ги отстрани оние цик цак кривини од улиците кои да  биле за „смирување“ на сообраќајот, а единствено нешто што успеаја да „смират“ е по некој браник, раткапна или украсна жардињера, „стратешки“ поставена  за смирување…Како не сфаќаат дека  со тргни- застани, со лежечките полицајци, со расцепканите и раскопани улици, се зголеми  загадувањето – бројките не лажат . Плус, им ги истенчија нервите на данокоплаќачите?! Кои и онака се пред кинење (нервите)  поради неизвесноста од брегзитот, па наместо да се релаксираат кога ќе дојдат дома, зашто нели, по аглиски  „мојот дом е мојот замок“, а пред замокот трупци, Владивосток, канти, разни честички,колони,нервози.Што е многу, многу е. Знаеме кои се општинарите. Знаеме како изгледаат  Знаеме и каде се.

А локалните избори, ене кај се, па некаму мислат. Посебно оној со мозолчињата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...