ПИСМА ОД ЛОНДОН: Зошто Мите ја ораше градината

Му раскажував на човекот дека песните, оние старите, ни се такви поради тешкото минато на мојот народ, но дека и покрај сè, имало и убави мигови и зборував за убавите љубовни песни што не секогаш имаа среќен крај.

590

Не знам што ми требаше и како дојде до тоа, ама ете, дојде. Од мирно седење, што би рекле некои. Желна да дознаам што повеќе за земјата што изгледаше како да ќе ми стане втор дом, бев заинтересирана за многу работи. Ја препатував вдолж и попреку, дијагонално и малку искривено и на цик-цак, од Брајтон до Инвернес, од Абериствит до Кентербери, од Витстабл до Белфаст.

Прашував за навики, за предрасуди (за велшаните и овците, на пример), ги учев (и ги учам дијалектите, зашто до ден-денес не ми е лесно да ги разберам оние од околината на Њукасл кога брзо зборуваат) и еднаш така попатно, на почетокот, го прашав Стивен за англиските народни песни. Се замисли човекот. Па ми рече да размисли, да провери и ќе ми каже.

Тешко минато

Веднаш да кажам дека Стивен не е некој што беше учесник на панк-движењето, а можеше, не ги следеше ниту „Битлси“ ниту „Ролингстонси“, а можеше, не следеше ниту еден музички правец, ниту по класична музика не е, а можеше, да не зборувам, пак, за концерти во Хајд парк, О2, Ројал Алберт хол… Ама е студиозен, темелен, и ако Стивен каже, може да бидете сигурни дека е речиси така. Зашто, нели, ништо не е сто отсто. Па откако размисли и се консултира со неговите колеги од Оксфорд, ми го донесе цедето на Лорена Мекенит за која ми кажа дека е најблиското нешто до англиска фолк-музика.

Па потоа и други, уште постари пејачи и музики што зборуваа главно за љубов, за зелени падини, за панаѓури на кои се запознаваат момче и девојка, за љубов, некогаш среќна, некогаш не баш, за полиња и за овци (ах тие овци), и за коњи и за храбри витези, и за нежни дами и за зелени полиња… хм, мислам дека еднаш веќе ги спомнав зелените полиња, ама ја имате сликата.

И требаше да не се нафаќам на објаснување, ама се нафатив. Кога ме праша за нашите, македонски народни песни. Па добро, и нашите се кога ќе се запознаат момче и девојка и за љубов и за храбри… е сега не се баш витези, но се јунаци. Овци нешто нема, се наоѓа понекој коњ тука-таму, врие од мајки, сабји (главно димискии), пушки (главно берданки), пиштоли (главно револвери), а љубовта не многу често завршува среќно. Од мојата колекција на стари македонски народни песни, му пуштав на Стивен една по една и, се разбира, морав да му преведувам.

Во ред, почнавме убаво, со „Зајди зајди“, прекрасна, поетична, не многу за луѓе во поодмината возраст, зашто лесно се паѓа во депресија, па Стивен малку се замисли, но сепак одличен почеток. Па слушнавме како шумат и плачат шумите, па продолживме со учи ме, мајко, карај ме, што му делуваше збунувачки, па следуваше сестра кани брата на вечера. Тука – трилер. Морав да му објаснам на човекот дека да, сестрата навистина му вели на братот кој направил беља и убил човек да не се грижи, нека си јаде на раат, таа има девет деца па ќе даде едно за да го „раздолжи“ брата си. Стивен блед – крпа.

Му раскажував на човекот дека песните, оние старите, ни се такви поради тешкото минато на мојот народ, но дека и покрај сè, имало и убави мигови и зборував за убавите љубовни песни што не секогаш имаа среќен крај, ама сепак. И со надеж дека на касетата (да, да, за време на касети зборувам) следува некоја повесела и пооптимистичка песна, со душа ја дочекав – „Пара бери киселец“. Зашто кога го погледнав ливчето со составот на другите песни на касетата, ладна пот ме облеа. Ги имаше и зошто си ме мајко родила, со маки сум се родил јас, лажи лажи Вере, се некои такви песни што требаше да му ги преведувам на веќе пеплосаниот Стивен. Така што со задоволство ја започнав(ме) веселата Пара која береше киселец (некое кисело растение, му преведов на Стивен), а Мите ја ора градината.

Нешто посебно

И тука дојде до застој. Стивен сакаше да знае, а јас не знаев да му објаснам, зошто Мите ја ора градината. Градината се копа, зошто би се орала? Што има да се ора? Од инает? Од практични побуди? Го мрзело да копа? Да се прави важен пред Паца? По темелната анализа (таков е Стивен) следуваше заклучок – вие Македонците мора да сте нешто посебни. Нормално дека се согласив. Не беше ни свесен човекот колку е во право.

Стивен (Ашли) инаку беше првиот уредник на Македонската редакција на Светскиот сервис на Би-би-си. Пред некое време пак се видовме во Лондон. Ми дојде на гости. Му пуштив македонска староградска музика. Уживаше. За Мите муабет на направивме. Вели дека денес, сѐ му е јасно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...