Многу мала бев, ама памтам. Со баба ми Вероника, која беше на редовното кафе во соседството, јас моткајќи се наоколу, ја прашав нејзината другарка, тетка Теодора, што ѝ е тој број на раката. Телефонски број запишав, да не го заборавам, ми рече, колку да ми каже нешто. Ама години потоа дознав дека неизбришливиот број беше бројот втиснат кога таа, како една од битолските еврејки беше, заедно со семејството, депортирана во концентрациониот логор Дахау. Единствена преживеа и се врати во Битола. Ја немаше кога пораснав да ја прашам за деталите за бројките. Ја немаше ниту баба ми Вероника. Но бројката ми е врежана во сеќавањето. Ја видов со свои очи.
Потоа ќе пораснеш, ќе учиш, ќе читаш, ќе шеташ и ќе разговараш, ќе разменуваш искуства, ќе патуваш, ќе дојдеш да живееш во најкосмополитскиот град на светот и ќе ти се појават некои типови со свастики и избричени глави (на нула или на 0,5) кои извикуваат смрт за Евреи, гасни комори, па нешто за фашизмот колку бил добар па за нацизмот ова она… И за цел свет да ги види, зашто не им е доста за по дома, како една двојка од Лестер која реши синот да го крсти Адолф, па се слика со нацистичко знаме. Ама потоа тоа сепак го објави на твитер, па работите тргнаа надолу и добија инстант „слава”, забрана и судска казна. И не се работи само за Евреите, на овие им пречат сите што се различни, црни, кафени (светло кафени, потемно , бежкасти… ме разбирате) жолтеникави (не дај боже со жолтица да им поминеш, веќе си им непријател) значи им пречи се´ што не е како нив, но најмногу изгледа Евреите, зашто – тешко се распознаваат, вака на прв поглед. Освен ако не се ортодоксни. Ама инаку, слични се, ама дури и исти, може да се и меѓу нив, а тогаш што правиме, страшно!
И што преостанува? Како да се изрази фрустрацијата кога не можете да го препознаете „непријателот ” и физички да го „убедите” дека е ништожен?
Најпопуларната игра на светот – фудбалот!
Облекувајќи ги боите на омилениот фудбалски клуб, некои се почувствуваа како да станале дел од Кју Кукс Клан ( знаете, оние со бели качулки кои ги прогонуваа(т) и убиваа(т) и застрашува(т) црнците во Америка). И како ќе ги препознаете “ оние другите”? Па ги носат дресовите на противничкиот тим, во случајот оној кој доаѓа од дел од Лондон во кој има Евреи или сопствениците се Евреи. И ќе им пеете неверојатно навредливи песни од кои и мајки и шајки и скочни зглобови и цели семејства до седмо колено и срамотни работи и грозоморни работи и да не знаете каде да погледнете и ова веќе не е здраво и нормално. А потоа се тепаат и внатре и надвор од стадионот, потоа ќе и добиваат забрани, потоа ги апсат и ставаат на црни листи, а нивниот тим потоа игра пред празен стадион.
Празни глави, празен стадион.
Иронијата е што на чело на еден од клубовите со најантисемитски навивачи, Челси (се вика Челси, се пишува Челси, се изговара Челси), се наоѓа руски Евреин, Роман Абрамович. Со руско израелско државјанство. Дали од бизнис или од хумани или од национални побуди, не е битно, Роман реши да ги едуцира најрадикалните навивачи кои добија забрана да присуствуваат на натпревари поради расизам и почна да ги праќа, организирано, во Аушвиц! Навивачите ќе присуствуваат на едукативни курсеви, а веќе две групи од 150 души, доброволци беа во кампот ова лето. Идната пролет, се очекува да биде организиран првиот голем едукативен камп во Аушвиц . Управата на Челси е убедена дека ова ќе даде резултати, зашто првичните реакции се мошне позитивни. Еден од навивачите, кој претходно бил скептичен во врска со ефикасноста на гасните комори, (!) даде изјава дека бил шокиран од она што го видел и дека цел живот нема да може да го заборави. Колку е рехабилитиран, и тој и неговите „соборци” навивачи, можеби ќе покаже следниот натпревар меѓу Челси и Тотенхем/ Тотнам Хотспур.
А со оглед на тоа што и лабуристичката партија на Велика Британија и Северна Ирска во последно време има проблеми со антисемитизмот, можеби не е лошо некои од членовите да се размисли да се придружат на екскурзиите на Роман. Водич може да биде Џереми Корбин, да покаже личен пример. И нешто размислувам. Дали ова може да се извезе и како европски тренд? Дали Роман можеби, ако го напушти фудбалот, а се зборува дека е можно, всушност почнува со нов бизнис?
Едукација и рехабилитација на европски расисти. Каде? Во Аушвиц? Во Дахау? Во Јасеновац? Има туристички агенции кои организираат посети на поранешните кампови, но никој до сега не организирал кампови за лечење расизам. Ете, на Роман му текна. Сега разбирате зошто е богат човекот?