Со Алисон се запознавме во Лондон, пред да оди да работи во Македонија. Сакаше да знае како е таму, па го доби мојот број и ме замоли да се видиме на чај или, подобро, на кафе, вели, слушнала дека во Македонија кафето е попопуларно. Ајде си реков, зошто да не, а и ме интересираше која е и да слушнам што ќе ја интересира. Па излезе Алисон фина и симпатична и комуникативна и се размуабетивме.
Зборувавме за убавините на Македонија, за културата, уметноста, за луѓето, обичаите, храната… И кажав колку што можев да ѝ кажам за едно попладне кое почна со кафе, а заврши со каберне совињон и ветување дека ќе останеме во контакт и со зародиш на нешто што личеше на почеток на едно фино пријателство. Алисон отиде во Скопје и сè одеше и повеќе од одлично, зашто на следното гледање ми рече да ѝ наздравам само јас со каберне, зашто таа чека бебе! И така детето на Алисон стана скопјанче и покрај тоа што мајката отиде да се породи во татковината.
Каде е бебето
Првпат Алисон отиде на фризер со шестмесечната ќеркичка во количка, откако ѝ даде „слободно“ на студентката бебиситерка. Почнува третманот бојосување коса, таа ја поместува количката со бебето тука до неа, и почнува фризерајот… Половина од косата бојосана, релаксирана атмосфера, музика, џагор на жени и еднолично зуење на фен од кое децата заспиваат, кога едно време се врти таа и гледа: количката – празна! Страшно! Шок! Хорор! Скока од столот сета избезумена, вреснува „веар ис мај бејби, веар ис мај бејби“, гледа испаничено наоколу и, конечно, го здогледува бејбито во рацете на помошникот фризер Сале, кој го изнел на раце надвор да не дише хидрогени и испарувања од боите, а половина комшилук се собрал и му се восхитува на Англичанчето – „види го колку е бело, па проѕирно и слатко да го изедеш, гуци, буци“…
Е сега, јас само можев да си ја замислам сликата на Алисон со развиорените мушами од престилки и половина фарбана коса крената нагоре како Џони Ротен од „Секс пистолс“ како трча накај излезот, му го граба бебето од раце на збунетиот Сале, го гушка, бебето почнува да плаче бидејќи ништо не му е јасно, Алисон плаче со солзи радосници, па потоа сите објаснуваат дека Сале е тукашен, фино дете, дошол да учи занает, не е киднапер, и на крајот сè завршува со хепиенд и солидна фризура и муабет во салонот и соседството со месеци и месеци за Сале и бебето и Англичанката, која мислеше дека ѝ го крадат бебето, ама изгледа беше малку „така посебна и кога ја видовме знаевме дека е малку така посебна, боже боже, што мислат овие Англичаните, тука ние деца крадеме, свашта“.
Кога Алисон ми ја раскажуваше случката, се разбира со студено каберне и многу смеење оти таа веќе одомаќинета, констатиравме дека вакво нешто нема шанси да се случи во Лондон, некој да ти го фати, да го допре детето без дозвола. Па нечие куче да погалиш треба да прашаш, а за дете не ни помислувај. И заеднички подготвивме амандмани на моите претходни поуки, за да може Алисон да им кажува на другите странци во Скопје да не паничат, дека таму нивните деца ќе ги коментираат гласно колку се убави, ќе ги нарекуваат крофнички без да мислат дека се дебели и дека треба да се стават на диета, ќе ги штипкаат за обравчиња, ноџиња, рачиња, ќе им велат „буци, цуци, муци“, ќе им кажуваат дека „ќе ги изедат“ без да имаат канибалски тенденции, дека ќе ги гушкаат, ќе ги бацуваат, кога ќе можат ќе ги земаат во раце, ќе ги думкаат, ќе им прават смешни фаци и слични други неразбирливи и за многумина од светот надвор од Балканот неспоиви со здравиот разум работи.
Не сме „поенглезени“
Животот тука во Лондон, пак, полека почна нас од Западен Балкан да нè „тренира“ да не гледаме туѓи деца, или барем да не ги гледаме упадливо. Можеби затоа што никој не го прави тоа. Можеби затоа што медиумите редовно објавуваат информации за разни насилства врз деца, за проблемите со педофилите и родителите се испаничени ако некој им го гледа детето, во училиштата се зборува за тоа како децата да реагираат ако некој непознат им пријде, малите деца се учат како што впрочем нè учеа и нас – да не се зборува со непознат, ама кренато на повисоко ниво – дека непознатиот е опасност, па вкупната атмосфера како да нè направи некако од луѓе кои кога ќе видевме некое убаво детенце да кажевме – „леле ама убаво детенце“, сега да си ја гледаме својата работа, односно „мајнд јуар оун бизнис“, односно се прашувам да не нè натераа да станеме Англичани и во овој поглед?!
Ама излезе дека не сме се „поенглезиле“ сите, зашто не успеаја мене да ме вкалупат – јас делам комплименти и на мајки и на деца, а богами и на понекој татко. И да ви кажам право, сите сме задоволни и никој досега не се пожалил, ниту пак ме викнал на информативен разговор.
И, како за крај, доказ дека крвта не е вода. Мојата внука што живее на север беше повикана да дојде со сопругот во градинка на сериозен разговор затоа што нејзиниот син, четиригодишниот Тео, на другарчињата им ги штипкал обравчињата и им викал „буци, буци“. Ете што ти прават гени, одмор во Македонија и македонска баба.
Објавено во „Слободен печат“