Често одам во централен Лондон, не само туристички кога расшетувам гости низ метрополата (што е сè поретко, благодарение на рестриктивниот британски визен режим, скапите визи и опаднатиот македонски стандард), туку и службено, кај парламентот и министерствата кои се главно околу Даунинг стрит број 10, резиденцијата на премиерот. Така и денес, не оти имав некоја работа, ама едноставно морав да одам и да проверам, за секој случај.
Да погледнам во околните ендеци и да видам дали Борис Џонсон си го одржа зборот и се фрли некаде во некој, како што ветуваше со месеци дека ако земјата не излезе од Европската Унија до 31 oктомври, без оглед на сè, тој ќе се фрли во еден. Ендек. Е сега, рака на срце, нема многу ендеци во околината на неговата резиденција, а го чува обезбедување, плус туристите и демонстрантите ќе го следеа секој негов чекор, ама сепак, да сакаше да си го одржи зборот, можеше да најде. Ендек. Вака, ништо… Инаку, да не го мислите, жив и здрав е човекот, го видов потоа на телевизија, зборуваше за тоа како сега, овојпат, во јануари догодина, земјата ќе излезе од ЕУ, ама не рече што ќе направи тој лично ако не. Можеби научи нешто од брегзитот?
Денес беше денот Д, кога Обединетото Кралство, по три и нешто години требаше да ја напушти Унијата, ама излегувањето се одложи за три месеци и друг 31ви, овојпат, јануари. Догодина. Здравје. Закоравените брегзитџии се лутат, а „останувачите“ здивнаа малку, но прават планови како оваа ситуација да ја направат трајна. И среде сето тоа, парламентарците и партиите конечно се согласија во едно – да има предвремени избори. На 12 декември, годинава, пред Божиќ. За првпат во сто години.
Тикви насекаде. Главно жолти. Исечени да изгледаат страшно, со издупчени отвори за очи и штрбави заби. Некои внатре имаат свеќи, ама ќе бидат запалени навечер. На куќите распнати пајажини, костури, мртовечки глави, лилјаци со размавтани крилја. Низ улиците се движат дракули, франкештајни, зомби, духови, вештерки и вештери, уште од пладне. Халоуин е денес, ноќ на вештерките. Ме пречекуваат на излез од возот кога се вратив од неуспешната мисија, барајќи го Борис во ендек.
Истовремено, токму денес, со стратешки распоредените тикви, почна и засега не толку стратешката предизборната кампања. Партиите веднаш навалија со пораки и памфлети. Уште нестигната дома, веќе една партија на имејл ми ветуваше сè и сешто, а потоа одејќи на кафе се сретнав со пратеникот од Вимблдон со кого се знаеме и, главно, љубезно се поздравуваме. Овојпат, покрај поздравувањето, куртоазно помуабетивме повеќе од вообичаеното, зашто почна да зборува за изборите (беше многу фин, но немав срце да му кажам дека нема шанси да гласам за него и неговите). На врата попладнето ми зачукаа разнесувачи на пропаганден материјал. Излегов да ги пречекам со чоколадни бонбончиња, мислејќи дека пораниле комшиските деца кои овој ден одат од врата до врата, облечени како мали чудовишта и викаат, како што е обичајот „трик ор трит“, или во слободен превод „измама или награда“ , а возрасните им даваат награда. Обично чоколатчиња. Ако не, може куќата со јајца (неварени) да ви ја погодат. Цел ден раздавав чоколадни бонбончиња. И на едните, и на другите. Куртулив од јајцата. Барем вечерва. Сматоци ќе следат во неделите кампања што следуваат…
Стари, нови и пеперутки
Колку тоа ќе бидат нови лица, ќе видиме. Она што сега го гледаме е дека голем број од „старите“ лица, ќе ги нема. Многумина деновиве објавија повлекување од политиката. За некои ми е навистина жал. Ќе го нема повеќе во парламентарните редови Кенет Кларк, искусниот пратеник чии што дискусии секогаш беа пример за елоквентност, информираност, одмереност и почит кон другите. Рече дека нема намера веќе да се кандидира и дека ја напушта политиката. Штета. Исто така, денес му беше и последен ден на живописниот спикер на парламентот, Џон Беркоу. Неговото „одр, ооодр“ и интерпретирањето на правилата направи од него медиумска ѕвезда, а парламентот поинтересен за следење и коментирање.
Впрочем, ова е земја со традиција во која се штитат вредностите. Во која, како што прочитав денес, е променета маршрутата на водоводната мрежа во Кингс Лин во Норфолк, зашто инаку ќе беа загрозени реткиот вид пеперутки за кои се мислеше дека се исчезнати. Ама не биле. Сини плочки и пеперутки. Ете. Уште ги има.
Објавено во „Слободен печат“