Седам во мојата омилена кафетерија, читам весник, пијам фрапе (да, да, конечно научија и тука да прават, па не мора веќе да патувам низ половина Лондон до Бејсвотер, каде што има грчко кафанче со тиропити, локумадеси и кафетаки еленико) и за малку пената на нос ќе ми излезеше! Пишува дека извесна госпоѓа А, направила просечна годишна сметка во „Хародс“, најпознатата и можеби најскапа стоковна куќа во Лондон од 1,6 милиони фунти! Годишна! Односно, во периодот од 2006 до 2016 година потрошила 16.309,077.87 милиони фунти (шеснаесет милиони триста и девет илјади седумдесет и седум фунти и осумдесет и седум пени). И седум пени.
Ова беше потврдено деновиве од Судот во Лондон, каде што исто така е обелоденето дека таа користела 35 кредити картички, од „американ експрес“, „виза“ и „мастеркард“, издадени на име на разни членови на семејството и наплатувани во банка во која еден од претседателите беше нејзиниот сопруг. Таа користела приватен авион и само за накит во „Хародс“ потрошила 150.000 фунти. За почит, мадам, за почит – ауу, каква трошаџика, секоја чест, не е лесно.
Необјаснето богатство
Ова признание доаѓа од мене, која (сосема неправедно и незаслужено, читајте, ќе објаснам подолу) во семејството има етикета на трошаџика и шопохоличарка, зашто знам колку е тешко и напорно со часови да се пробува и размислува и комбинира и пермутира и за која еднаш законитиот беше бил рекол (а остана законит) дека не постои таа сума пари која јас не сум можела да ја спискам. Ама во своја одбрана можам да кажам дека сум 1. доктор, ама каков доктор, академик за распродажби (само на 70%); 2. враќам речиси сè што купувам (нервна база); 3. пари главно трошам на патувања; 4. има уште други работи, ама сега да не должам многу, за ова во друга прилика, така што, обвинувањата на моја сметка не ги прифаќам, а сестра ми нема да ја спомнам.
Но, да се вратиме ние на госпоѓата А, зашто станува уште поинтересно. Нејзиното трошење (за разлика од моето) го привлече вниманието на Националната кривична агенција (НКА), чиишто инспектори сакаа да дознаат – од каде ѝ се парите?! Па побараа информации и од „Хародс“ и од нивната картичка со наградни поени која госпоѓата ги насобрала низ годините на екстравагантно трошење. И сега, суд во Лондон донесе одлука дека таа мора, внимавајте, МОРА да ѝ каже на НКА како станала толку богата. Судијата Саперстон ja отфрли нејзината жалба дека не мора да објаснува и да дава детали пред првата нова правна алатка која почна да се применува во земјата и која е наречена – Наредба за Необјаснето богатство. Оваа истражувачка правна алатка е создадена да ги натера осомничените, главно во стилот на руските новокомпонирани богаташи, но и сите останати наточкани во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, да објаснат од каде им се богатствата. Како може, на пример, маж ѝ, со чиновничка плата, па макар и од банка, да заработи толку многу пари за неговата законита да се расфрла со толку многу пари? М? Одбивањето на жалбите на госпоѓата А да се обелодени „потеклото на имотот“ од Апелациониот суд во Лондон ја отвори вратата за поширока употреба на Наредбата за Необјаснето богатство, која беше воведена годинава. Засега се работи на девет случаи, а Царината и сериозните измами го следат ова со залепени носови на стакло. Како и стотиците други поединци, кои исто така дојдоа во земјата со „необјаснето богатство“ од разни краишта на светот, па и од нашите краишта, па се фрлија на трошење како да нема утре, па станови, па куќи, па приватни училишта, па сметки на ќерки, па јахта тука, па јахта таму, па куќа за одмор од одморите низ светот, па, па па,па…
„А“ е госпоѓа Хаџиева
Адвокатите на госпоѓата А вложија жалба да не се обелоденува нејзиниот идентитет и оној на семејството и да не се замрзнува имотот на нејзиниот сопруг, повикувајќи се на заштита на човековите права. Но деновиве тоа е одбиено. Па дознавме дека госпоѓата А е всушност госпоѓа Хаџиева! Познавате ли вие некоја Хаџиева? Немојте веднаш да ѝ се јавувате на онаа Хаџиева која ја знаете, трошаџиката е Замира, сопруга на Џаханџир кој е осуден на 15 години затворза измама во Азербејџан.
И додека човекот лежи и чека да излезе порано поради добро однесување, Хаџиева, инаку по професија професионална шопохоличарка, го урниса човекот. Сега таа треба да докаже дека парите кои ги трошела се добиени на законит начин, а ако не може, ќе ѝ биде одземено сè – и куќа и авион и голф терен и куќа и накит и куќа и јахта и пари и куќа, а кутриот Џаханџир ќе нема кај да се врати. Макар што нешто ми зборува дека има тој некаде на некое место некоја златна резерва, знаел тој што земал и суштински и фигуративно и брачно.
Јас, веднаш да кажам, не купувам во „Хародс“. Но порано одев, да видам што сè нема да купам, а редовно кога ќе ми дојдат гости од татковината кои сакаат да ја видат најпознатата стоковна куќа во Лондон. И сум видела, не дека не сум видела, познати македонски фаци како излегуваат од „Хародс“ со кеси. За моиве знам. Да ја откријам тајната? Да ја откријам. На најдолниот кат се продава храна. И најубави лебови. Па за спомен кесите. За другите не знам. Не сум им ѕирнала во кесите. Можеби ќе им ѕирне некој некаде?