Кога се појави на говорницата, како кога го глумеше Жан Лук Пикар од серијата на научна фантастика Стар Трек, очекував да каже нешто во стилот – напред „и смело да оди каде што ниту еден човек досега не бил“. Или кога беше професорот Ексевиер во Екс Мен, моќниот телепат што може да контролира и да чита умови, да каже нешто за тоа дека човековиот род може да има само корист од оние што се различни и смета дека треба да има мир и разбирање меѓу мутантите и луѓето.
И не ме изневери. Сер Патрик Стјуарт, популарниот актер, обраќајќи се на околу 1.200 луѓе на собирот во Камден минатата недела, рече дека е сигурен оти и професорот Ексевиер ќе гласал за – останување во Европската Унија!
Финален дил за брегзит
Внимателно одбегнувајќи го терминот „втор референдум“, од Лондон тргна кампања движење наречено „Гласот на народот“ (секоја асоцијација на една емисија од Македонија, ве молам, веднаш да се исфрли од глава, ова е сосема друг глас и друг народ). Составот е мошне интересен. Има голем број актери, уметници, познати и славни, но за да не се прогласи ова како собир на оние кои немаат што да прават помеѓу две претстави, два филма и две изложби, се погрижија политичарите од сите партии и од сите бои. Тука беа импозантен број парламентарци – од конзервативката Ана Субри, Каролина Лукас од Зелените, Лајла Моран од Либерал-демократите до Чука Умуна, кој дури побара неговите Лабуристи да останат „верни на своите вредности и да го поддржат ова“.
А „ова“ е – луѓето да имаат можност да гласаат за финалниот дил за брегзит.
Иднината на нашата земја е во прашање, велат приврзаниците на движењето, и ние нема да седиме со скрстени раце и да не правиме ништо. Колку за потсетување, Британците гласаа со 51,9 отсто наспрема 48,1 отсто за напуштање на ЕУ во јуни 2016 година. Британија формално ќе престане да биде членка во март 2019.
Дали предлогот за гласање ќе добие мнозинство во парламентот е нејасно. Но, притисокот врз владата да обезбеди добар краен договор станува се поголем, па дури и познатиот Институт на директори се огласи барајќи задржување тесни врски со Европската Унија по брегзит.
Историски договор
Додека приврзаниците на „Гласот на народот“ собираа потписи и даваа интервјуа, од другата страна на улицата се собраа групи со пароли на кои пишуваше нешто во смисла „Готово е готово“ и „Го изгубивте гласањето“. Некои конзервативни политичари, меѓу кои и министерот за надворешни работи Борис Џонсон, ги обвинија „Гласовите…“ дека, всушност, бараат нов референдум, што мене лично ми се чини дека е така, ама па и да е така, ова со Движењето им е фин начин да соберат критична маса, зашто нема кој нема да сака на крај сепак да сака да гласа за конечниот договор за брегзит.
Зашто, ова е историски договор што ќе го промени курсот на државата и животот и на оние кои гласале „за“ и на оние што гласале „против“ во следните децении. Ова е историски договор и за Европската Унија- досега ниту една земја не излегла од неа и се случува во време кога некои членки бараат реформи, други бараат „преку леб погача“ од Унијата, трети бараат пари и никоја да не им се меша во нивните домашни работи, четврти бараат статус кво на неопределено време, посматрачите или се обидуваат да станат членки или да им стават сопки на оние кои се обидуваат да станат членки…
Во секој случај, компликувани времиња и за Европската Унија и за Британците, па сметам дека ќе има изјаснување за крајниот договор на домашен терен. Така што, вака или онака, што би рекол Жан Лук Пикар, Британците ќе мора „смело да одат таму каде што никој не отишол пред нив“!