Кога се појави голема, зелена чизма над Лондон, си реков, уште само ова фалеше. Што сакаше чизмата да каже? Каква беше пораката? Зошто чизма? Кого ќе гази? Во неделата во која главните политички партии, конзервативците на Меј и лабуристите на Корбин беа шутнати на страна од гласачите на изборите за Европскиот парламент, некој некому сака нешто да му каже? Точно, ториевците го доживеаја најтешкиот пораз во последните 200 години, а лабуристите ги губеа своите гласачи кои се одлеваа кај либералдемократите кои се залагаат за втор референдум и запирање на брегзитот. Така е тоа кога имате разединето раководство, а немате цврсто лидерство. И како беше онаа народната? Кога двајца се караат…
Искористи Најџел Фараж, најнеомилениот демагог во Обединетото Кралство. Тој пред шест месеци ја формира партијата Брегзит, каде што се собраа пензионерите од конзервативците и прикриените ултрадесничари и кој со неверојатна организација и финансии, за кои допрва ќе се испитува кој, од каде и како успеа да освои најголем број места во ЕП каде што ќе продолжи да се бори да ја урива ЕУ одвнатре.
Искористија и либералдемократите, кои зајакнувајќи ги своите, собраа и голем број гласови од незадоволните од двете главни партии, па тие и Партијата на зелените можат, покрај гореспомнатиот, да бидат задоволни од постигнатото.
Мале, Пале и Стале
И што покажаа овие избори? Внимавајте, избори за европратеници во земја која вели дека сака да излезе од Европската Унија, ама зависи кого прашувате. Дека земјата и натаму е поделена. И дека ако ги собереме гласовите на оние другите, другите се побројни од брегзит. Јасно? Не? Одиме понатаму…
Премиерката Тереза Меј поднесе оставка, и уште не ѝ се исушија солзите, кога…не еден, не два, не три…ами досега дури 11 кандидати од ториевците се пријавија да бидат лидери на партијата. И нов премиер, зашто поголемиот дел се мажи. „Мале, Пале и Стале“, односно мејл, пејл и стејл, или во превод – мажи, бледи (бели) и бајати. Добро, има и понекоја жена и расна разновидност, ама доминираат малињата и палињата. И на таа тема, засега толку. Сите се неверојатно исти и неинспиративни и здодевни и додека не се појави некој интересен…
Како Борис Џонсон, ве слушам како прашувате? Да, БоЏо, тој води во обложувалниците како главен претендент за наследник на Меј. И се потстрижи, за да изгледа посериозно. И во кампањата и за на суд, каде што изгледа ќе мора да се појави затоа што во кампањата за брегзит лажеше за оние 350 милиони кои неделно ќе се одлевале од Британија во ЕУ. Вели, тоа било политика. Судот ќе каже дали во политиката е (не)казниво да се лаже.
#Именеисклучиме
Не е здодевно кај партискиот врв на лабуристите. Загубија колосално, ама тие не се виновни, велат, туку почнаа да исклучуваат членови, особено оние видните, кои признаа дека сега гласале за либ-дем, зашто овие имале јасна платформа, за разлика од своите! Шок хорор! Како така? Има да гласате како ќе ви каже партијата, нема што ти сега да мислиш со своја глава, му рекоа на Алистер Кемпбел, поранешниот советник на Тони Блер, и го исклучија од партијата. Патем, Блер изјави дека бил послушен и гласал за своите. Со тешко срце, ама како што рекла партијата. Но жена му, Шери Блер, не – таа рече дека гласала за либералдемократите. И ете сега. До што ќе доведе ова? Посебни спални? Па, во бракот ли ќе им се мешаат на луѓето?
Сега се формира движење со хаштаг – именеисклучиме,( #expelmetoo) зашто има и други познати и помалку познати кои наместо да си молчат и да си гласаат како што сакаат, кажаа гласно, велат, за да се „свести партијата“. Е па се свести партијата и им даде шут карта… Чизмата, велам, чизмата, има тука нешто…
За чизмата, инаку, се утврди дека е рекламен потег на производителот на Велингтон чизми, Хантер. Голем, не, огромен балон во вид на цепелин кој тргна речиси од централен Лондон и по два часа летање заврши некаде во Херфордшир. Велат, лансирањето пред некој ден, среде сите овие настани, било случајно. Ајде, кога велите, така нека е. Јас би рекла, кој и да ја осмислил и извел кампањата на Хантер, бонус да му се даде. И да се земе за советник.