Како може да ви помогнеме? Ако она што го видовте на било кој начин влијаеше врз вас или вашите најблиски, тука сме за вас. Ако сте вознемирени, не можете да заспиете, нервозни сте, загрижени и стреснати; она што го видовте делува, почна да или веќе извесно време остава сериозни последици врз вашето здравје, нашите стручни лица, екипи, линии се отворени 24 часа, седум дена во неделата. Кренете го телефонот или ако сакате, пишете ни’, веднаш одговараме или ќе ве контактираме, без исклучок. Ќе сториме се’ за да излеземе пресрет на вашите барања и да ви помогнеме.
Овие и вакви информации редовно се објавуваат по секоја емисија во која се третира некоја контроверзна тема која може да влија врз здравјето, поточно врз менталното здравје на луѓето во Обединетото Кралство. Насилство врз жени, крвави настани, трауматично детство, воени трагедии, зависности од наркотични супстанци, малолетничка деликвенција, криминал, организиран криминал, малолетнички криминал, затворски трагедии, семејни трагедии, мита и корупции, сообраќајни несреќи, војни и експлозии, болести и инвалидитети и така натаму…значи ако вакви и слични случки на малите екрани на вашите телевизиски приемници ве вознемират или ви влијаат на било каков начин, се нуди и некаков начин на справување. Наместо да ја чувате сета мака и нелагодност во себе, можете да се јавите, да контактирате стручно лице или можеби цел тим ( во зависност од бројноста на јавувачите и големината на маката) и да споделите. Не попусто велат, споделен проблем е преполовен проблем. И се јавуваат луѓето, се јавуваат, се’ повеќе и во се’ поголем број .
Парламент во паб
Менталното здравје, односно нарушеното ментално здравје е сериозен проблем во земјата и се разбира дека не е оставено на поединци и тимови стручњаци кои ќе интервенираат по секоја телевизиска емисија или документарец со пожешка тема. Стана тоа дел до современото живеење, поради брзиот живот, трката по пари, оттуѓеноста… подеталните анализи им ги оставам на стручните лица, но „побарувачката” по посоодветни и што е можно побројни третмани беше причина британската влада да вложи дополнителни две милијарди фунти во зајакнување на здравствената помош во областа на менталното здравје.
И не се само документарните филмови и сапуниците и емисиите наменски направени да поттикнат на реагирање и размислување на некои теми, па предизвикуваат реакции за кои се бара стручна помош, ами последниве две и пол години, количеството стрес, загриженост и неизвесност го создава Брегзитот! Постојаното одложување на прифаќањето договор, гласањето и прегласувањето со кое ништо не се решава, неизвесноста, поделеноста на парламентот , за некои создаде Брегзит умор. Но и нервоза. И вознемиреност. И депресија. И ментален стрес. Брегстрес.
Аман веќе, доста беше. Дајте, решете веќе еднаш, излегуваме или не излегуваме и сето ова да заврши, велат оние, рака на срце малкумина, на кои им е сеедно. Но веќе изгледа на никој не му е сеедно. Седниците на парламентот почнаа да се гледаат како најпопуларна тебе серија. Дури и во пабови. Таму каде што порано се гледаше фудбал и рагби и крикет зашто газдата се беше бил преплатил на сите канали на Скај спорт и каде што обично се оди на пинта до седум осум лагер и на неделен ручек, сега се следат и маратонските седници на парламентот. Неверојатно ама вистинито. Зашто ситуацијата е уникатна. Да не беше критична, ќе беше комична. Седат Џорџ, Џени, Питер, Шерон и Мари и го коментират Берков или Беркоу дали многу вика, дали Корбин има став и ќе го каже ли некогаш, дали сите чекаат ЕУ да попушти или на пратениците да им се смачи и конечно да го прифатат договорот на Меј, каков таков, само да заврши сета оваа фарса.
Брегзит стресови и поделби
Според анкетата на Ју Гов, Секој десетти Британец вели дека Брегзит има(л) големо влијание врз нивното ментално здравје. Младата мајка Џејн Тробриџ е толку загрижена од Брегзитот што откако доживеа „нервен слом”, го постави постот за својот слом на Твитер и 19.000 луѓе рекоа дека се чувствуваат како неа и стравуваат од излегувањето на земјата од ЕУ , се организираат на разни начини да го спречат и се обидуваат да си помогнат едни на други. Почнаа да се појавуваат стории во медиумите како онаа на Тим кој вели дека се буди среде ноќ испаничен поради Брегзитот. Педесетиедногодишниот ИТ менаџер ја напуштил работата и сега е ангажиран во кампања против Брегзитот. Но вели дека се чувствува заробен во тежок круг – колку повеќе се ангажира, толку повеќе чувствува притисок врз неговото ментално здравје, зашто често пати чусвствува дека ситуацијата во земјата е – безнадежна. А така е и со добар дел од оние кои гласаа за Брегзит, како извесна Сара од Рединг, која вели дека кога сега сфаќа кои се последиците и колку трагично се одвиваат преговорите, е многу загрижена. И за неа, и за нејзиното работно место и за нејзините пријатели од ЕУ.
Можното влијание на Брегзитот врз менталното здравје веќе беше тема на годишната конференција на Државната Конфедерација за Ментално Јавно Здравје, една година по гласањето кога почнаа да се навестуваат последиците од Брегзитот и климата на неизвесност врз менталното здравје. Професорката Елизабета Занон открива дека загрижени има многу и во многу сектори- од последиците по економијата до последиците по семејствата.
Долго време на овие простори живееја во мирољубива коегзистенција семејства и партнери кои беа од различна политичка провиниенција. Семејства кај кои еден член беше конзервативц, друг лабурист. Синот можеби гласаше за либерал демократите, таткото за ториевците. Жената горда зелена, мажот закоравен укипец. Можеби знаеја, а можеби и не знаеја кој е кој политички. Зашто за политика традиционално малку се зборува(ше). Но никој не кажува кој за кого гласа а и срамота е да се праша. Додека тоа не почна да се менува во последните години.
Со Брегзитот почна да се случува нешто нетипично. Сите почнаа да кажуваат. Кој како гласал. Комшијата Џон гласаше против. Комшијата од Укип кој со никого не се поздравува обелодени дека гласал за. Политичка поделба и кавги за политика во едно семејство. Меѓу татковци и синови.Дедовци и внуци. Брегзитџии и Проевропејци. Ментален стрес? Ментална катастрофа. Се сомневам дека и оние двете милијарди на Меј ќе помогнат. Каква е состојбата, ќе бидат потрошени додека да кажеш – стрес. А дека е готово, не е готово. Ниту полничката дама запеала, ниту пак музичарите ја отсвириле последната нота од симфонијата на Чајковски.