Да се собереа титулите на присутните, можеше комотно да се отвори еден факултет. Ама каков факултет, и универзитет можеше, со сосема малку напор ќе имаше и визитинг-професори, па универзитетот ќе функционираше беспрекорно. Плус, титулите беа Оксбриџ (Оксфорд- Кембриџ) Кингс колеџ, Лондон скул оф економикс, Универзитетите во Дарам, Единбург, Ворик, Глазгов… ова знам, бидејќи 1) се претставуваа луѓето и 2) јас седев до организаторката што го имаше списокот со присутните. Ние двете бевме единствените без докторат. Но, потоа останав само јас, зашто колешката организаторка од весникот „Тајмс“ ми кажа дека тука, на Кингс колеџ Лондон, ја подготвува докторската дисертација. Ех, да ја слушав мајка ми.
Варијанти за договорот
А од друга страна, пак, добро што не го послушав „махерот“ од Скопје, кој за незначителна сума од неколку илјади девизи пред години ми нудеше докторат од македонска наставнонаучна установа. Јас во Лондон, а докторатот да ме чека на подигнување во татковината. Ги има такви, некои ги знаеме, се шетаат низ институции, улици и телевизии…
Но, мене и вака, недокторирана, ме канат и одам на настани, семинари и слични собири и тријам рамена и слушам и учам и од време на време држам предавања и коментирам.
Настанот за кој зборувам беше Обединетото Кралство (на Велика Британија и Северна Ирска) и Европската Унија и, претпоставувате, се зборуваше главно за брегзитот. На панелот имаше една баронеса од либерал-демократите, професор од Кембриџ и професорка од Оксфорд, и тие говореа за сите можни варијанти за договорот за напуштање на Европската Унија. Англиските закони и протоколи се прилично комплицирани и за секој потег мора да се направи белешка. Буквално за секој потег што ќе ги направат владата и парламентот. Се прават белешки. Се поведува дискусија. Се бележи. Некој пратеник бара нешто. Се бележи. За секој дел од петстотините и кусур страници за нацрт-договорот со Унијата има белешки, кој што правел и кој што рекол. Сѐ е забележано.
Една дигресија за белешките. Новинар на Би-би-си ја загуби работата зашто во една голема судска афера не можеше да докаже дека точно го запишал разговорот со научникот што потоа изврши самоубиство (или беше самоубиен). Ако се сеќавате, стануваше збор за оружјата за масовно уништување во Ирак, Тони Блер и војната. Епилогот беше што Тони Блер засекогаш остана со зацрнета репутација дека почнал војна со лажни информации, научникот дека кажал или не кажал нешто што требало или не требало да каже, семејството со енигма за смртта на најблискиот, новинарот со отказно решение, а сите ние тогашни новинари во Би-би-си со курсеви како се прават/водат белешки. На моето прашање, па во Македонија новинарот ќе си го дополнеше бележникот по сеќавање и немаше да ја загуби работата, добив поглед полн со неразбирање и згрозување. Толку за белешките. И за понудите за докторати.
Втор референдум
Не знам дали додека го читате ова Тереза Меј е уште премиерка или Јакоб Рис Мог од нејзината партија успеал да собере 48 потписи и повикал на гласање недоверба (каменот и тука доаѓа одблизу). Но, „истоварувањето“ на брегзитот ќе биде, не, всушност е најтешкото нешто се кое се соочува земјата во својата понова историја. Сите оние, како, на пример, претпоранешниот министер за брегзит, Дејвид Дејвис, кои мислеа дека елегантно ќе влезат во Брисел, ќе ги шармираат таму и ќе излезат со она што го сакаат, се пресметаа.
И најновиот министер парадокс, Доминик Раб, адвокатот што го договори договорот, поднесе оставка зашто не беше задоволен од она што самиот го договорил?! Во меѓувреме, кабинетот на Меј се осипува, опозицијата бара нови избори или влада на националниот спас, а…
Дискутирајќи за сите варијанти на брегзитот, ги прашав угледните професори од панелот плус баронесата (многу фина жена), дали е можно брегзит да биде вратен назад, односно што би се случило ако народот реши на втор референдум да не излезе од ЕУ. Фатија белешка. Хипотетички сите размислувале за излез, никој за влез. Па како сега, вели еден, срамота ќе биде, како ќе кажеме, сме се предомислиле? Навистина, вели друг, што со членот 50, еднаш отворен, како сега ќе постапуваме по него? Никој досега не направил вакво нешто… Хмм, па се замисли професорската фела.
Денот ми го направи еден од присутните професори, средовечен, значи повторувам, средовечен, кој кажа две работи. Прво, рече – па можеби по 10-15 години Британија ќе бара влез во ЕУ, тогаш ќе треба да ги исполнува критериумите и за тоа ќе треба да одлучат сите земји членки, меѓу кои и вашата земја… млада дамо.