Конечно сакам да се случи нешто убаво, рече највозрасната дама на панел
дискусијата. Истовремено, петнаесетмината други учесници, сите до еден помлади ,
ама во стилот на Би-Би-Си рамномерно полово, родово, расно, етнички и по сите
параметри за да нема никаква дискриминација одбрани и распоредени, климаа со
главите во знак на согласност. На луѓето, си мислам, веќе им е преку глава од неубави
работи кои се случуваат во последно време. И мене, ако веќе ме прашувате. Ама
бидејќи не ме прашувате, продолжувам. Не дека не се случуваат и убави работи, ама
тие некако поминуваат незабележително под напливот на лоши вести. Ден два
публицитет за Брит авордс, нешто трачеви, и толку, усните само малку тргнаа накај
насмевка, ама завршија во нешто како грч. Ниту Оливија Колман, која сериозно се
заканува да стане, ако веќе не е станата „национално богатство”, не успеа да го крене моралот на нацијата, а како тргнало, големи се шансите да добие Оскар.
Британската модна недела која е недела пред тоа, недела кога е тоа и недела потоа-
„тенка работа“. Да, има интересни работи, не дека нема. Извадете ги од ормарите
долгите фустани и здолништа и сакоа кои беа актуелни во седумдесеттите, бохо стил,
ако ги имате и ако се сеќавате на нив. Ако не,прашајте ги вашите мајки и тетки и
позамете или земете или купете. И потоа заедно вратете се ако можете во тоа време
кога вие бевте млади и безгрижни, кога се’ беше полесно и порелаксирано, а во
позадина нека оди она кога месечината беше во седмата куќа, а Јупитер беше
порамнет со Марс. Ама ниту времето на водолијата не го поткрева расположението,
ниту на погоре споменатиот панел, ниту на, како што изгледа мнозинството Британци.
А и јас нешто не сум баш, ако ме прашувате, ама не ме прашувате, па ќе продолжам.
Како ли им е на вработените во фабриката на Хонда во Свиндон. Уф. ( Знам како им е,
како мене, кога ми соопштија дека ми ја затвораат редакцијата). Дојдоа на работа
неделава, сите 3.500 и им беше соопштено дека фабриката се затвора. Не веднаш,туку
во 2021. Ама ене кај е 2021. И можете да замислите како им е на луѓето сега. И ним и
на нивните семејства и на Шарон од блиската сендвичара која триесет години го
развиваше и проширување и разгрануваше својот бизнис на подготвување корпорациски сендвичи за носење. И бега Хонда, ѝ бегаат муштериите, ѝ бега бизнисот од раце. И нејзе и на луѓето од Свиндон им е исто како на луѓето од
Сандерленд, од каде што Јагуар Ленд Ровер и Форд најавија отпуштања, односно
„намалувања на инвестициите“. И мене истото ми го кажаа…
Лево десно заедно
Дојдоа на работа како лабуристички пратеници, ама свикаа прес конференција да
кажат дека не се повеќе и дека ја напуштаат партијата. Бегалци, или, вели речникот на синоними , откорнатици – зашто рекоа дека со тешко срце се откорнуваат од матичната партија – деветмина од нив на чело со шармантниот Чука Умуна кој не стана лидер на левичарите зашто не сакаше да му се секцира приватниот живот. Партијата ги разочарала, делува неединствено, лидерот велат, забегал премногу лево, не се оградил ниту извинил за антисемитските изјави, не знае да одржи говор кој ќе
мотивира, не го слуша мнозинството кое бара нов референдум и – најважно тие не
можат да го замислат како иден премиер! И сега се независни пратеници во независна
парламентарна група.
И три пратенички од владејачката конзервативна партија неделава решија дека им е
доста и од Меј и од Брегзит и од тоа каде оди земјата раководена од нивната партија и
обнародија на дека си одат. Од партијата. И тие стануваат откорнатици,поточно
откорнатички. Едната од нив изјави дека денот кога решила да си оди, голем товар ѝ се симнал од рамениците. И дека тоа бил бил најсреќниот ден во нејзиниот живот,
зашто живеела со притисок оти слепо ја следи партијата тргната по свирачот кој ја води земјата кон бездна. Навистина беше очигледно дека трите пратенички се
расположени, а додека го читате ова, постои голема шанса уште неколкумина од
тоериевците и лабуристите да се приклучат кон откорнатите откорнатички, зашто тие
сега заедно седнаа во парламентот како независна група! Оваа нова група веќе има
повеќе членови од северноирската ДУП и исто колку и Либералдемократите .
Британскиот парламент почна да станува малку здодевен со редовните гласачки
порази на Меј, ама работите се исклучително сериозни, па верувам дека со “ новите
момци и девојки во блокот” ( добро, ниту се момци, ниту девојки, така повозрасни се,
познати политички фаци, ама во ново политичко руво) ќе се збогати динамиката и
квалитетот на работата на парламентот. Дали предоцна за Брегзит? Ако ништо друго,
барем ќе биде интересно. Што е слаба утеха за ако ја прашувате Меј, ама изгледа Меј
се помалку некој нешто ја прашува…
Барем извини Бегум
И за да биде уште поинтересно околу повратниците и откорнатиците и бегалците,
дебатата на нацијата ја збогати извесната Шамима Бегум која на 15 години, со уште три другарки ја напушти родната Британија, отиде да биде ИСИС невеста во Сирија, се
омажи за исламистички борец кој пак ја напушти родната Холандија за да се бори за
Исламскиот калифат. Животот течеше, минаа четири години, тој се бореше, убиваше,
сечеше понекоја глава, таа стана полнолетна, роди две деца кои за жал ѝ починаа, гледаше , вели, погубувања и како се тркалаат исечените глави, ама сметаше дека тоа
е „око за око, заб за заб“ ( нејзини зборови) и кога Калифатот го загуби последното
упориште, а таа го роди третото дете, даде интервју и побара да се врати назад во
татковината. „Е па нема да може баш така“, се крена на нозе најголемиот дел од
нацијата, „таа да се врати, а ние да ги плаќаме и патните трошоци, и уште некој не дај
боже да настрада за да и помогне да си дојде дома, па после и да ја издржуваме како
самохрана мајка, и нејзе и детето, добро, тоа не е ништо виновно, ама таа беше со
војската против нашите војници и не го крена гласот против суровиот режим на ИСИС-
напротив, го поддржуваше. И згора на сѐ, не кажа извини, не побара прошка,
срамота“!
Ова е накусо сублиматот од реакциите на јавноста во медиумите – и социјалните и
традиционалните. Толку многу реакции што реагираше и министерот за внатрешни
работи Саџид Џавид кој ѝ го одзеде државјанството на Шамима зашто ќе била лош пример за борбата против исламскиот милитаризам и тероризам во државата. Но
вели, таа нема да остане без држава – имала уште едно државјанство. Преку мајка и –
бангладешко. Така што, нема да остане без татковина. Британија не смее да ги остави
своите државјани без државјанствтво, но ако имаат друго, тогаш може да им го одземе
британското. Интересно.
И уште нешто. Да кажеше извини, мислам дека до сето ова немаше да дојде и дека
симпатиите на јавноста ќе омекнеа. Извини е моќен збор. Луѓето тука се извинуваат. И
кога доцнат, и кога ќе ве потчукнат ненамерно, а сега, во време на општо
себепреиспитување и психоанализа, се напуштаат здруженија и друштва, компании,
земји и унии. Колку е тоа искрено, е друго прашање. Нешто можеби е, мобилен
вистиномер или детектор на лаги со големина на зрнце уште нема, па се потпираме на
интуиција, а ако сте како мене, маф ви е работата. Значи три интересни работи. Добро
е да се имаат две татковини и едно извини. Ама искрено.