ПИСМА ОД ЛОНДОН – Балансирање со разбирање

Вечерата, благодарам на прашањето, помина супер. Цела недела потоа имавме вегетаријанска и веган храна, зашто во македонски стил, ја пренатрупавме трпезата. Но, вино и пиво не остана!

377

Во рамките на одржувањето добри добрососедски односи, ги поканивме да ни дојдат на гости соседите отспротива, Џон и Џени, нивните возрасни деца Кејти и Бен и домашниот пријател Марти. Покана како покана, но значајна, зашто тука со соседите треба да мине време, зборувам за години, да се спријателиш. Муабетите, ако се прават, главно се прават на врата – нема како кај нас, повелете на кафе, комшија. Додуша, еднаш така пред две куќи, ја викнав да влезе комшиката од горе, таа мислеше дека дојде на поседок, заседна па едвај си замина, а Англичанка, хм, мора да има нешто и во воздухот којшто ние Македонците го издишуваме.

Но, да се вратам јас на соседите. И онака лефтерно, без да му ја мислам многу, ги прашувам – а вие јадете сѐ, нели? И тука почна. Џон е вегетаријанец. Џени не е, ама не може да поднесе риба. И мирисот на риба ѝ пречи, па ако не ни е тешко, да нема ништо што излегло од море? Бен почна како вегетаријанец, но сега е веган. Ако ми е компликувано, ќе си донесе тој нешто со себе… Не, не, велам јас, планирајќи да го повикам Гугл на помош, а во крајна линија тука се и моите верни браќа Маркс и Спенсер (супермаркет) па ќе најдам нешто, не мора сѐ јас да готвам. Еее, од колку вечери ме имаат извадено, да можеле гостите само да ѕирнат во корпите отпадоци па да ги пребројат обвивките со „специјалитети“, исти како дома подготвени!
Ах, го заборавив Марти! Тој јаде се!

Вегетаријанци, вегани, месојадци…

Вечерата, благодарам на прашањето, помина супер. Цела недела потоа имавме вегетаријанска и веган храна, зашто во македонски стил, ја пренатрупавме трпезата. Но, вино и пиво не остана!

Вака кога ќе ги видите, вегетаријанците и веганите не изгледаат нешто многу агресивно. Нашите соседи се многу фини и мирни и ни требаше само 10 години да се запознаеме малку подобро. Ама не се сите такви. Ете, читам во весниците, неодамна една група вегани со качулки од природен материјал упаднала во стек ресторан во Брајтон во знак на протест. Групата ги натерала гостите да ги одложат виљушките и ножевите и им пуштила аудиоснимки од звуци на крави што ги колат. Пред да бидат исфрлени од менаџментот на ресторанот, во придружба на звуци на мукање и букање од присутните гости што дошле тука да јадат месо. Малку печено, средно печено и добро печено.

Расправата е: веган – добро, месојадец – лошо, ама работите не се баш така едноставни. Како ќе го ѓубриме земјиштето со моркови и авокадо, се запраша еден од учесниците на сериозната дискусија на оваа тема за идното етичко производство на храна? Според најновиот извештај на Обединетите нации за климатските промени, или ќе мора сериозно да ја намалиме потрошувачката на животински производи или да се соочиме со исчезнување. Но целосна и глобална забрана, нема да се случи. За тоа ќе треба многу, многу време.

Но, она што може сега е радикално ребалансирање на индустријата за храна кон одржливост и добросостојба на животните, а товарот мора да биде врз најбогатите. Ми вели Бен дека ние всушност треба да им бидеме благодарни на веганите, зашто тие ни купуваат време на планетава. А Бен е многу, многу умно момче.
Изгледа, најдоброто нешто што може да се случи е мирољубива коегзистенција меѓу веганите и месојадците. Без снимки од крави во кланица.

Меј и Корбин ќе се видат

Патем, брегзит завршницата на симфонијата на Чајковски и натаму трае. Знаете, она татарамтарам… тарамтарам.. тататам… а нема последно там. Не е крај додека не запее дебелата дама, а неа уште ја нема на повидок или некаде држи веган-диета. Во меѓувреме премиерката Тереза Меј и лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин се договорија за телевизиско соочување, дебата, еден на еден.
Некој даде идеја, со оглед на сериозноста на темата, дебатата да се емитува на сите телевизиски канали! Што ме потсети на оној вицот за бугарската телевизија кога пренесуваше говор на Тодор Живков на прва програма, па ако некој свртеше на втора, еден спикер остро им викаше – враќај на прва!Нормално, идејата не помина. Треба само да се договорат на кој канал ќе бидат. Тереза сака на Би-би-си со панел, Корбин на Ај-ти-ви со жива публика. Ќе се избалансираат некако. Важно за една работа се разбраа. Односно се сложија. Да се видат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...