Писма од Лондон Багатела

Сега Меј ќе треба да им го продаде договорот на пратениците. Што ќе оди многу, многу тешко. Се зборува за изгласување недоверба. Дури и за нови избори. Па со оглед на кусото време, мислам дека ќе има уште неколку завршници на симфонијата.

720

Сево ова почна да заличува на симфонија од Чајковски. Знаете, она кога мислите дека е крај и музичарите свират татарататат- таратаратата-тататарататата-татата-там…. и секогаш ќе се најде барем еден во публиката (простете, не знам зошто, ама најчесто е маж), кој ќе почне да аплаудира. А до него жена му ќе му ги спушти рацете и ќе го погледне дискретно ама прекорно со поглед што говори – па до кога ќе ме срамиш. А тој ќе се размрда на столчето и ќе ја погледне збунето, ќе ја разлабави вратоврската на која не е навикнат и со поглед ќе ѝ одговори – па мислев дека заврши ова.

Така и многумина Британци мислеа дека заврши „ова“ кога премиерката Тереза Меј се појави пред вратата со број 10 на улицата Даунинг и кажа дека постигнала договор со Европската Унија. Односно дека договорот е на дофат, дека договорила нацрт-декларација на 26 страници за идните односи со Унијата за сите спорни прашања. Ќе има двегодишно продолжување на брегзитот, ќе нема цврста граница меѓу Ирска и Северна Ирска, ќе нема, па ќе има визи за Британците…

Симфонијата брегзит

Бизнисите беа задоволни. Берзите исто така. Фунтата скокна. Благо, ама сепак. И какви реакции доби од колегите? Дека договорот е 26 страници мешаници, ѝ рекоа лабуристите, дека е полош одошто да нема договор, ѝ рече нејзиниот довчерашен министер за брегзит, и дека е идиотски, ѝ рече коментаторот на весникот „Индепендент“. Што ѝ рекоа соперниците во партијата, велат, не е за печатење и за во јавност.
Сега Меј ќе треба да им го продаде договорот на пратениците. Што со оглед на погоре изнесеното, ќе оди многу, многу тешко. Се зборува за изгласување недоверба. Дури и за нови избори. Треба да се согласат и сите 27 членки на ЕУ. И Шпанија за Гибралтар. Па со оглед на кусото време, мислам дека ќе има уште неколку завршници на симфонијата до вистинскиот крај.
Во меѓувреме, животот тече и неделава почна црниот петок. Да, знам, црниот петок треба да биде во петок. Но, гладната британска економија реши петокот да почне во понеделник, па да се растегне во вторник, па среда, па четврток, па петок…Тогаш има големи попусти, до 80 проценти и се продава со намалување сѐ и сешто. Од гардероба до бела техника, од членство во клубови до патувања, од сѐ и сешто и нешто. Еден мој пријател, кој инаку е комичар, денес отиде до „Лидл“ и ми праќа ваков твит: „Во Лидл сум. Тука владее лудило. Пензионер избоцка една мајка со мешалка за јајца. Банда распуштени деца го окупираа замрзнувачот. Калуѓерка вика дека не верува во Господ. Ама ракавиците за градинарење се со попуст од 40 отсто“.
Тоа е тоа потрошувачко општество кое чека, односно кампира од зорите пред вратите на продавниците во потрага по „баргин“, односно по багатела. А од понеделник до четврток беше само загревање. Петокот е багателата. Сепак, Британија не е Америка. Беше пред неколку години. Но, потрошувачката моќ на Британците веќе не е таква за да се купува додека не се падне во несвест. Плус, сѐ поголем број купуваат од топлината на својот дом, што ќе рече, преку интернет. Каде што може да се купи буквално сѐ.

Подарок за учителката

Пред некој ден, на пример, организацијата на шкотските родители го крена гласот против комерцијализацијата на подароците што им се нудат на родителите (да ги купат), за потоа децата да им ги подарат на учителите. Звучи познато? Колку кристални вазни имаа нашите учителки од прво до четврто, а потоа и класните? Е, ако мислевте дека тука нема, се излажавте. Бавни се Британците, ама им дојдоа Европејците и ги „израсипаа“.

Па така сега, наместо обичната традиционална картичка со „тенк ју“, се нуди корпа со шампанско, чаден лосос, избор од сирења и швајцарски чоколади, сето тоа за само 214.50 фунти. Поевтини варијанти со изгравирани пораки се миризливи свеќи од познати фирми, специјални хидрантни помади со специјални пораки, чаши, перничиња, маски за очи, персонализирана книга на благодарност во која ќе се потпишат сите ученици и ќе кажат колку го сакаат учителот/учителката (а што ако некој не го/ја сака, а?) за само 32 фунти, значи реков, с децата и сешто. Макар што, единствено добро со персонализираните пораки е што во тој случај, учителката нема да може да го преподари подарокот на некој друг. Освен ако тој друг не се вика Нада. Тогаш е добро да се стави и презиме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...