Доминик Рааб ( се пишува со две а, се изговара со едно, ама ајде да му го направам атерот), министер за брегзит во владата на премиерката Меј, одржа драматична прес конференција на која зборуваше за тоа што се’ е направено во случај на излегување на земјата од Европската Унија, без постигнат договор. Рече дека малку е веројатно тоа да се случи, но дека владата е сериозна и се подготвува и затоа ќе вработи уште 8.000 луѓе во јавната администрација да се справи со излегувањето.
Од една страна, владата вели дека е малку веројатно да нема договор, ама како кога се возите во авион, па ви ги покажуваат сите предострожни мерки, вклучувајќи ја и употтребата на појасот за спасување, а летате цело време над копно, па што е сигурно, сигурно е….Така и британската влада, покажува дека е сериозна и одговорна и веќе оствари контакти со светската трговска организација, но нема одговор како ќе се справи со трговијата, банкарството, царините и медицината, пензиите на своите граѓани кои живеат во странство и уште многу прашања ако нема договор со ЕУ. Ама можеби ќе има.А можеби и не.
Ги гледам вестите и си велам, ајде да проверам како сето ова би се одразило на мојата главна Татковина. Не е во ЕУ, нема баш некое голема дијаспора тука, трговската размена со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е релативно пристојна,ама ништо посебно, тие нам платина, малку автпомобили нешто алкохол ние ним неметали , душеци и нешто текстил и тоа…А би можеле да бидеме славни по органска храна, или по виното и по пиперките, односно по виното и по ајварот, зашто на секој сајт за Македонија ни се восхитуваат, не за душеците и делчињата од метални оксиди и силиконски диоксиди , туку за деликатесите од убавите слатки пиперки и патлиџани и виното.Па ако веќе решиле британците да преговаарат, ајде да разговараме.
Фантастично,ама малку
„Овие производи се пораснати во Пелагонија, на југозапад а Македонија, кадешто над 650 семејства работат во партнерство да го произведат овој фантастичен производ, Со 300 сончеви денови и фантастично наследство во земјоделството, Македонија е плодна почва за одличен производ“, се вели во рекламата на сајтот на британска компанија Фармдроп која меѓу внимателно селектираните прехранбени производи ги има и ајварите, лутеницата, мелиџаното, а сега и слатката „ Пелагонија’, кои се продаваат и во неколку англиски супермаркети. Исто како и ајварите „Мамас“, вината Тиквеш и Стоби, и…и…и…епа толку.Толку убавини во македонската храна и кујна,толку многу потенцијал за извоз, ама има многу малку.
Македонците си ја сакаат својата храна. Како кочанскиот ориз, нема друг ( тоа што уште малку ќе го нема и во Кочани, е друга приказна). Тетовскиот грав е најдобар на светот ( ако не е во кинеско пакување), ресенските јаболка се највкусни ( ако се спречи да се прскаат), патлиџаните , оние розевите, леле оние розевите… Ама пиперките, и оние стумичките и карваџик, ама и воопшто, пиперките во Македонија,ах тие пиперки, тие се навистина нешто посебно. И по мирис, и по изглед, и по вкус.
Црвена зависност
За познавачите, лесно се станува зависен од македонскиот пипер. Една колешка Индијка Џејми,која речиси од раѓање е задоена со луто кари, ја „навлековме“ на македонски буковец, па бара начин како да обезбеди редовно снабдување за неа и за нејзиното потесно семество од околу стотина души. Позната ми е приказната на амбасадор кој во дворчето во една европска земја заедно со пријатели печеше и лупеше црвени пиперки купени од пазар донесени од Македонија. А лично го имам видено познатиот телевизиски водител во Скопје како исто така во дворот пече па лупи пиперки за ајвар, за потоа истата вечер води вести на телевизија. Со мајка ми носовите ги залепивме на телевизорот за да видиме дали има црвено на прстите и некоја семка на рацете, ама или не видовме, или убаво си ги беше бил исчистил рацете.
Мислам дека тука има доста убава и инветивна работа за разните здруженија и комори за македонско – британско или британско-македоснко пријателство и соработка, со акцент на соработка, зашто пријателството го имаме веќе одамна.Инспирација нека и биде Филип Еванс, шефот зад Пелагонија, безимениот гениј кој им го продаде малото тегличе ајвар „Мамас“ на Фортнум и Мејсон (со печат на кралицата) и оние кои упорно ги носат и промовираат вината Стоби и Тиквеш во жестока конкуренција на избирливите британски винопии.
Ако Британија се подготвува за брегзит, со или без договор со Европската Унија,ќе склучува нови договори. Па и со Македонија. Македонија треба конечно да се размрда да почне да продава и нешто плус од тоа што го има за извоз – убава храна, непрскана, вкусна, миризлива, некогаш лута, некогаш блага,некогаш крива, некогаш права, некогаш сува, некогаш везена, каква што е впрочем и самата – да го продава својот Бренд.