Една од причините за изгласувањето на брегзитот, можеби и главната, беше опседнатоста на Британците со имиграцијата. И онаа од земјите на Европската Унија и онаа од поранешните колонии, и онаа од оние каде што вмешаноста на британската надворешна политика на овој или на оној начин придонесе да се полнат кампови како оној кај Кале. И до ден-денес бегалци со чамци на надувување, со шверцери во камиони и со бродови се обидуваат да стигнат до посакуваната дестинација, Обединетото Кралство. Другата е сонот за некогашната Британска Империја, која беше толку голема и во која сонцето никогаш не заоѓаше, ама на преминот меѓу 19 и 20 век. Традицијата, ах таа тврдокорна британска традиција која некогаш воодушевува, но некогаш ве вади од памет. Ама главно, бегалците, мигрантите, имигрантите, без кои, патем речено, нема да може да опстои ниту една британска болница и ниту едно градилиште и ниту една фарма и ниту… ама ете.
Кој всушност е екс-пат?
Зборот ми е сега за лексиконот на човековата миграција и хиерархијата на зборови што сè уште постојат. Секогаш ме интересирало зошто, кога Британците се иселуваат во други земји, тие се екс-пат, а оние другите се главно, имигранти. Според Википедија, експатријат или скратено екс-пат е личност со привремен или постојан престој во земја што не е онаа од која потекнува. Зборот доаѓа од латинскиот екс (надвор од) и патрија (земја, татковина). Дотука, добро.
Ама некако не е така. Африканците се имигранти. Арапите се имигранти. Азијците се имигранти. Ама Европејците не ќе да се имигранти… тие се екс-пат. Секогаш се екс-пат. Со цртичка или без. И му доаѓаат некако супериорни!? Па изгледа затоа и угледниот „Волстрит џурнал“, водечкиот финансиски информативен магазин, пред некоја година во блогот со наслов „Кој всушност е екс-пат?“ се позанимава со оваа тема. И ете ги заклучоците:
„Некои дојденци се опишуваат како експати, други како имигранти; трети се едноставно мигранти. Зависи од социјалната класа во земјата од која потекнуваат и од економскиот статус. Чудно е да се слушнат некои луѓе во Хонг Конг како се опишуваат како експати, но други не. Секој со корени од западна земја се смета дека е експат….Филипино домашните помошници се гости, и покрај тоа што можеби биле тука со децении. Кинезите што говорат мандарински од Централна Кина ретко се сметаат за експати… тоа ви се тие двојни стандарди вткаени во официјалната политика“.
Реалноста е иста во Африка и во Европа. Висококвалификуваните Африканци што работат во Европа не ги сметаат за експати. Тие се имигранти. И точка.
Британци имигранти
Ама имигранти се и меѓу 4,5 и 5,5 милиони Британци, кои живеат надвор од Британија. Според британскиот државен завод за статистика. Зошто се иселиле? За подобра иднина? Подобар живот? Не можеле да ја поднесат владата на Маргарет Тачер? Тони Блер? Се сеќавам, имаше и такви што велеа дека ако победат лабуристите на Блер, ќе се иселат од земјата. Ене ги таквите, половина пари им се во Белизе, четврт на Кајмански, а со остатокот „дуинг бизнис“ со Браун, Камерон, Меј и сега истото го велат и за Џереми Корбин. Значи, не ќе да е политиката причина. Главната е, велат најголемиот дел, климата.
Зимно време студеникаво и врне. Летно време потопло и врне. Ние во Лондон уште сме и добро, многу тешко и ветровито и студено на оние погоре, а најтрауматично на оние на средина, како Манчестер, каде што врне и дува нонстоп. Можеби тоа му влијаеше на медитеранскиот темперамент на Жозе Мурињо, што знам, ама она што му одеше во Лондон како експат, во Манчестер го направи имигрант. Мигрант. Гостин.
Најголем дел се во Австралија. Па во Соединетите Американски Држави. Од европските земји води Шпанија. Многу ги има и во Нов Зеланд и во Јужноафриканска Република. А од другите европски земји, покрај Шпанија, Британците емигрирале во Германија, Франција и Италија и Ирска. Има и една во Исланд. Ама засега, една е.
Групирање за Истендерс
Англиските екс-пат се групираат како и сите други имигранти. Кај еден, таму и другите. Имаат продавници со англиска храна, пабови со пива и фиш енд чипс, англиски, шкотски, велшки, северноирски клубови. Некои живеат во туѓина со децении, а јазикот на земјата во која живеат не го научиле. Децата ги школуваат во англиски училишта. Или се пензионирале па пензијата ја уживаат надвор од татковината. Најголемиот дел се лекуваат таму каде што живеат, главно бесплатно, гледаат англиска телевизија, читаат англиски весници. И еднаш или еднаш на две години, одат во татковината, во зависност од здравствената состојба. Или на погреби и свадби. За заби правење и фризер, сигурно не, таму каде што живеат е многу поевтино.
И… там-там-там според анкетите, мнозинството гласаше за брегзит! „Нема што тука мене… добро де, не живеам во, да речеме Лондон, Манчестер, Њукасл, ама не сакам да доаѓаат некакви имигранти и да ми живеат во земјата од која потекнувам“. Ќе ми ја потрошат?
Ми текнува на едно наше патување на Закинтос. Цел остров го свртевме, суфлаки и гиро не најдовме. За ѕаѕики муабет да не правиме. Ама Англичани колку сакаш. Во дресови на омилените фудбалски клубови, изгорени од сонце, а домаќините нудат англиска пржена храна и други англиски „течни специјалитети“. Врв на сè беше кога ги собраа сите за на огромно платно, среде убавините на Закинтос да ја гледаат лондонската сапуница во милијарда продолженија – Истендерс. Се запознаваме со домаќините, Џон (многу Џонови има) и Ширли (и нив ептен) кои се тука веќе триесет години. Ах, вие сте мигранти значи, им велам. И додека мигрантите беа во воздух, ние заминавме. Мислам дека уште не се соземени од шокот. Лути беа. Шокирани. Можеби и навредени. Мислеа дека се експат. Ако ги видите Џон и Ширли кај големото платно со Истендерс… па ништо, тие се тие, од текстот.