Во Скопје имавме куче. Едно утро, тазе земени, мојот законит ми донесе две од кај автомеханичарот, ми ги стави пред мене и ми рече – бирај. Две црно бели клопчиња. Едно машко и едно женско. Може и двете, прашав. Не може, едното е таксано, бирај. Женското некако поербап, ми пријде и ме повлече за кимоното…машкото седи на газето и гледа пред себе. Си велам, кога веќе мора да бирам, ова женското кај и да е ќе се снајде некако во животот, на ова машкото му треба некој како мене да се грижи за него, зашто види какво е – слатко, мало, смотано, плус не е со педигре. Мешанче. Мајката грешница – механичарот гордо тврдеше дека била териер, но таткото во бегство, па производот на незаконската љубов беа четири малечки, од кои двете ми беа донесени мене, а јас го избрав – смотанкото!
И дојде на ред името, кое треба да го определи кучето и со кое што треба да го викам и кога ќе го фалам и кога ќе направи некоја беља. И се мислев, не дека не се мислев. Па Снупи, па Артур , па Бо, па Џиџи (аморето) , па … но мене најмногу ми легна Џорџ, на македонски нагалено Џоле (уште пред да знам дека ќе одам во Лондон). Ама кога ѝ кажав на мајка ми, добив еден од „оние“ погледи и коментар – па кучето по татко ти ли ќе го викаш?!? Срамота, само тебе можат да ти текнат такви работи… И така, во знак на протест и обратно од стилот на моите неортодоксни идеи, решив да му го дадам на моето куче најуличарското име на кое можев да се сетам – Џеки!
Добрососедски односи
И така, Џеки стана дел од нашето двочлено семејство, па станавме тројца. И сѐ одеше фино додека не требаше да се преселиме во Лондон. Одиме ние, оди и Џеки, делиме и добро и лошо. Ги прашав колегите од Ројтерс, колку чини да го транспортираме нашето милениче? Мноооооогу. Во тоа време немаше пасоши за кучиња, немаше микрочипови, а Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска (и тогаш и сега) се гордее(ше) со фактот дека во земјата нема беснило, па тогаш имаше воведено шестмесечен карантин за домашните миленичиња.
Значи, нашето уличарче Џеки ќе требаше да помине шест месеци во карантин, што значи во кафез во една од лондонските кафиилерии. Ние бевме подготвени три години да не одиме на одмор за да го донесеме Џеки во Лондон (зашто толку високи се трошоците), но немаше шанса шест месеци затвор без помилување. И така, Џеки остана во татковината, каде што беше вдомен кај една госпоѓа на Водно, каде што беше сакан и мазен и пазен и доживеа длабока старост! Хепи енд!
Ние денес го чуваме Цезар, мешанец, се разбира. Не е наш, на пријатели е. Повеќе му личи да се вика Бо, а на моменти го викаме и Џеки. Личи малку на мала овца. Многу е мил и послушен и смешен. Цврсто сме решени кога ќе престанеме со патувања и работа, да потсобереме по некое куче маче (риби имавме, ама чапјата ни ги изеде) и онака сите комшиски животинчиња ни, да се собираат во дворот. Ник по Дарвин ја има Маша, Џон чува две спасени тркачки кучиња од кои едното е слепо, Јулија го има Пип со три нозе, а Вите не го дава мачорот Педро по никоја цена и го одржува во живот со многу љубов, иако никој веќе не му ги знае годините. На комшискиот мачор Фо никој не му кажа дека ние повеќе сакаме кучиња. па секој втор ден е кај нас, а јас, во улога на Бутрос Буртос, одржувам добрососедски односи и одлично ми успева!
Крајности и поуки
Британците се познати љубители на домашни миленици и годишно на нив трошат како на еден автомобил. Често пати, според моето скромно мислење, се оди во крајност, па домашните миленичиња се облекуваат, се возат во колички, им се врзуваат скапи огрлици, се носат на масажи, се хранат со специјалитети… Во неодамнешната дебатна емисија беше покажана слика на Клеопатра, едно „грдичко“ куче, чијшто соптсвеник имаше потрошено 46.000 фунти годишно на одржување на оваа „ убавина“ со накит и облека и играчки и џиџимиџи и што ли уште не. Клеопатра навистина имаше третман на кралица.
Во Лондон нема кучиња скитачи. Во другите земји каде што ги има, каде што навиките и традициите со кучињата се поинакви, еден дел од луѓето можеби потешко ја разбираат приврзаноста кон миленичињата. Но, работите се менуваат. Еднаш на Бит Пазар, шетаме со мајка ми и минува еден со куче како погоре спомнатата Клеопатра, демек, така, „грдичко“. И мене ми се испушта… леле неубо кучевооо… И дечкото ми се врти, ме измеркува од глава до петици и лут и навреден ми вели – а ти ма, да не мислиш дека си поубава!?! Е сега, навистина дека не бев нешто посебно дотерана и мислам дека по изглед не го заслужив одговорот (суета, суета), но си го заслужив по нетактичност.
Поука број еден:сите миленичиња се убави. Поука број два: ако немаш нешто убаво да кажеш, за нечие милениче, ќути си. Поука број три: Истото се однесува и за луѓето.