Пиромани потпалувале за кеш и за политички ќар

Министерот Спасовски повтори дека има сериозни индиции дека покрај бизнис интереси, се случуваат пожари и од политички причини алудирајќи на пожарот во очи конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

2034

Сите пожари се предизвикани од луѓе, штетите се бројат во речиси милион евра, но последиците не можат ниту да се измерат, ниту пак, можат да оживеат пеплосаните шуми потпалени од пиромани за кои, како што неофицијално дознаваме, истрагата на крајот ќе докаже дека потпалувале и за кеш.

Како што веќе објавивме вчера, во истрагата се прибираат докази и за подметнати пожари од политички причини.

– Доколку ова што ни се случува е од политички причини, а имаме сериозни индиции тоа да го потврдиме во наредниот период, станува збор за сериозен тероризам што ѝ се прави на државата – оцени вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеска потврди дека под истрага се деветмина подметнувачи на пожари во државата.

Министерот повтори дека има сериозни индиции дека покрај бизнис интереси, се случуваат пожари и од политички причини алудирајќи на пожарот во очи конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

– Она што се случи кај салата „Борис Трајковски“, тоа е подметнат пожар, сметајќи дека тука ќе се одржува конвенција на една од политичките партии. Сериозно работиме на детектирање. Сите информации кои ги добиваме, одат во тој правец дека е можно да има политичка вмешаност – вели Спасовски.

Освен индиции за политички инструирани пиромани, истрагата има сознанија дека македонските шуми во изминатиов месец ги потпалувале и дрвокрадци.

– Очигледно е дека апелите за прекин на палењето на шумите не стигнуваат до свеста на поединци. Затоа, и натаму будно ќе ја следиме ситуацијата и со сите свои ресурси ќе се справуваме со предизвиците – велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Од таму потсетуваат дека во пожарите што беснеат низ целава земја некои беа од поголеми размери, а некои освен врз животната средина, сериозно се закануваа и по животот на населението, како што беше кога гореше близу Македонска Каменица во селото Саса.

Специјализираната воздухопловна единица, како што велат во ДЗС, во минатиот месец имала повеќе од 120 лета и исфрлила над 300 тони вода врз жариштата.

Според податоците на Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола во март имало 128 пожари на територијата на целата држава, што е најголем број на шумски пожари во текот на еден месец со години наназад.

47 пожари предизвикале сериозни штети зошто се случиле во шума, а останатите 81 пожар биле предизвикани надвор од шума. Опожарена е вкупна површина од 2.817 хектари шума и дрвна маса од 3.250 метри кубни, со што е причинета штета од 53,5 милиони денари.

Битолската полиција неодамна уапси 19-годишен жител на крушевското село Врбовец. Тој бил забележан како подметнува пожар во атарот на селото. Осомничен е дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ и е во домашен притвор, што предизвика реакции во јавноста која за вакви серизони дела очекува затворски притвор.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски кој во изминатиов период упатуваше апели за заштита на македонските шуми смета дека во Законот за шуми треба се воведат построги казни за сторителите, а подметнувањето на пожарите треба да се изедначи со тероризам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...