„Пивофест“ е пред завршната вечер

198

Големата летна манифестација по која Прилеп е препознатлив во земјава и во регионот вечерва влегува во својата завршница. По 17-ти пат „Пивофест“ обезбеди четири дена весела, разиграна и атмосфера со посетители од земјава, од соседството и од нашинците во дијаспората во светот, кои, традиционално за време на одржувањето на „Пивофест“ ја посетуваат татковината.

Според организаторите, синоќешната, трета Фестиваска вечер помина во одлична весела атмосфера со многу посетители. кои се забавуваа на изведбите на The Hounds, Фрајле,  Влатко Стефаноски Трио и Нокаут, нагласи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

– Имавме одлична забава, поминаа три одлични вечери, последнава вечер која е завршница ќе биде исто така успешна. Посебно ми е драго што синоќа поголемиот дел од изведувачите беа од македонската музичка сцена. Особено сум радосен што на сцената настапија татко и син, затоа што настапот ветува дека синот на Влатко Стефаноски, Јан ќе биде успешен како и неговиот татко. Денешнава вечер уверен сум  дека ќе помине во добра атмосфера на задоволство на сите – рече Јованоски.

Програмата оваа вечерва ја отвараат „The For“, потоа следуваат настапите на „Кал бенд“, на Даниела Мартиновиќ , а завршницата е резервирана за составот „Cyrillic.

Ова е прв настап на Кал бенд во Македонија. Бендот постои повеќе од 15 години и досега настапувал на повеќе од илјада концерти во странство, истакна фронтменот на бендот Драган Ристиќ.

 -Ние свириме ромска музика спакувана во еден современ музички пристап, односно современа критичка реакција на музиката околу нас, но длабоко вкоренета во ромскиот идентитет. Имаме два албума, во странство сме многу присутни за разлика од Македонија – рече Ристиќ.

Прилеп утре ќе ги сумира достигнувањата од годинашниов 17-ти „Пивофест“ кој, меѓу другото донесе и новини, посебно со алтернативните сцени и со забавата за сите генерации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...