Една од најдобрите американски пејачки Мишел Вилијамс, која се прослави со ар-енд-би бендот „Дестини’с чајлд“, се пријавила на лекување во приватна психијатриска установа поради депресија, јавуваат американските медиуми.
Пејачката која и претходно не ги криеше своите ментални проблеми, од пред неколку дена се лекува во болница близу Лос Анџелес.
„Со години се залагам за тоа – да се крене свеста за менталното здравје и за охрабрување на луѓето да препознаат кога да побараат помош, поддршка и поттик од луѓето што ги сакаат и се грижат за нив. Сега горда и среќна можам да кажам дека ќе продолжам да бидам пример и неуморно ќе се борам за помош на оние на кои им е потребна“, напиша Вилијамс на друштвените мрежи.
„Дестини’с чајлд“ беше еден од најпопуларните женски бендови на почетокот на третиот милениум, а покрај Вилијамс, таму членуваа и Бијонсе и Кели Роланд, а лани пак се собраа за настапот на фестивалот Коачела по повеќе години.