Пешов: Ако Агим Нухиу ми дал наредба на 27 април, а јас не сум постапил сигурно ќе ми поднесеше кривична

1221

Денешното судско рочиште за случајот „27 април“ продолжи со давање завршни зборови од страна на обвинетите. Во петокот тоа го направи Митко Чавков, а денеска на ред дојдоа и другите обвинети од редовите на МВР.

Прв денеска зборуваше Митко Пешов од МВР кој смета дека обвинителство не навело никаков доказ дека тој извршил акт на насилство за да го загрози уставниот поредок и да спречи избор на претседателот на Собранието.

– Не сум можел да спречам акт на насилство и избор на претседател зошто не знаев дека се избира претседател. Никој не ме информираше за тоа додека на 27 април вечерта околу 20.15 часот не пристигнав во Оперативниот штаб од Кавадарци – рече Пешов кој нагласи и дека тој не бил дел од протоколот во МВР за оваа акција односно немал ниту златна ниту сребрена команда.

Во неговите завршни зборови тој тврдеше и дека тогашниот министер Агим Нухиу не му дал наредба за ангажирање дополнителни полициски сили.

– Ако министерот Нухиу ми дал таква наредба и јас не сум постапил, тоа би било потврдено истата вечер или наредниот ден. Ако било така сигурен сум дека Нухиу ќе победеше дисциплинска постапка и ќе поднесеше кривична пријава против мене. Напротив, јас имав одлични професионални односи со тогашниот министер и по 27 април имавме средби и тој потенцираше дека моето однесување на 27 април било професионално- наведе Пешов.

Тој во завршните зборови опишуваше што правел на крвавиот четврток, со кого и што разговарал итн. На крајот рече дека е спремен да одговара ако судот оцени дека згрешил нешто, но тврди дела постапува според надлежностите и побара ослободителна пресуда за него.

– Уште еднаш потенцирам, на 27 април се случија немили настани за кои сите жалиме. Во мојата 20-годишна кариера никогаш немам повредено ниту едно правило. Премногу имам вложено во градење на мојот углед за само со едно кривично дело да го срушам тоа – рече Пешов, додавајќи дека не е дел од ниедна партија, не должи на никого ништо и нема што да враќа на некого.

И Душко Лазаров кој на 27 април бил дежурен во оперативниот штаб ги изнесе неговите завршни зборови барајќи ослободителна пресуда. Тој, меѓу другото, кажа дека, во својство на советник во штабот немал ниту златна ниту сребрена команда, како и дека немал овластувања да издава наредби ниту за ангажирање на дополнителни полициски сили ниту за евакуација. Лазаров кажа дека е нејасно зошто обвинителството го ставило во иста ситуација со носителот на златна команда, Митко Чавков.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...