Печеница, кулен, свински врат ќе поевтинат за околу 30 денари по килограм

Месната индустрија очекува за периодот од шест месеци колку што трае мерката да успеат да го зголемат производството и да се вратат на македонскиот пазар.

655

За околу 30 денари по килограм или 10 до 15 отсто ќе поевтинат  месни производи од свинско месо по одлуката на Владата да за укинување на увозните давачки за смрзнато свинско месо, најавија денеска преработувачите на месо од земјава.

Месната индустрија очекува за периодот од шест месеци колку што трае мерката да успеат да го зголемат производството и да се вратат на македонскиот пазар.

-Ние до сега бевме гости на нашиот пазар. Странските компании заработуваат зашто не плаќаа царина за производите, а ние затворавме капацитети зашто имавме високи давачи за увоз на суровината. Ние имавме зафаќања од 25 отсто, ја полневме државната каса, но за возврат немавме ништо. Сега се изедначуваме и стануваме поконкурентни – вели Влатко Ѓоргиевски од МИК Свети Николе.

Тој смета дека со укинувањето на увозните царински давачки производителите на свинско месо во земјава не се загрозени оти мерката не е стопроцентна, туку се однесува на ниво на 50 отсто од утврдените потреби за суровини.

Слободан Кутрески од „Пекабеско“ вели дека првпат по многу години оваа индустрија да добие позитивен сигнал од Владата.

-Капацитетите работат со 28 до 30 отсто, а воедно сме и дискриминирани во однос на странските увозници. Со новата мерка на Владата се покажа дека некој во оваа држава мисли и на индустријата на преработувачи на месо. Да појасниме одлуката не значи обезбедување субвенции или стимулации за месната индустрија, туку само изедначување на условите за домашните компании и извозниците – рече Кутрески.

Тој смета дека со одлуката на Владата не се загрозуваат другите во месната индустрија, бидејќи е строго наменска и ограничена на шест месеци..

– Владината мерка не е донесена за да загрози никого, напротив е само да се овозможи да функционираат сите заедно во државата. Овој период треба да покаже дали ќе има ефект врз нашето работење -рече Кутревски.

Проценките на преработувачите се дека поскапите свински производи како печеницата, вратот, пршутата, куленот и чајната ќе поевтинат повеќе од 30 денари, а производите како виршлата помалку.

Владата неодамна донесе одлуката за времено укинување на увозната давачка-специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи од свинско.

Одлуката се однесува на временски период од шест месеци, а количините се утврдени на ниво од 50 отсто од утврдените потреби за суровини на домашната индустрија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...