Поради отсуство на судијка-поротничка и денешното рочиште за случајот Талир на СЈО кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ се одложи.
Поради операција на поротничката, судењето се одложи и минатиот пат.
Судијата Осман Шабани следното рочиште го закажа за 12 септември, бидејќи за десетина дена почнува судската ферија.
Овој судски процес никако да започне, првото рочиште беше закажано за 18 февруари но од тогаш постојано се одложува поради отсуство на некоја од странките. Денешното е осмо одложување.
Во овој случај обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перње пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
СЈО поднесе уште еден обвинителен акт за предметот „Талир“ кој се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата, но за него се уште нема оценка од судот дали се прифаќа или не.
Двете обвиненија во овој случај се меѓу предметите кои ги опфаќа начелното правно мислење кое го даде Врховниот суд, а тоа е дека СЈО не може да покренува обвинителни акти по истекот на 18 месеци од преземањето на „бомбите“.