Пет клиники го кренале квалитетот на услугите

527

На пет јавни здравствени установи: клиниките за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, за детски болести, за нефрологија, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле и на Општата Болница Охрид денеска им беа доделени сертификати за акредитација.

Процесот на акредитација е почнат во 2016 година и досега се доделени сертификати на Заводот за геронтологија „13 Ноември“, ПЗУ „Плодност“ Битола, додека приватните здравствени установи „Систина“ и „Жан Митрев Клиник“ добија и сертификат за квалитет од меѓународни институции кои понатаму ги верификувала Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

Овој процес е задолжителен за сите јавни здравствени установи, а се состои од внатрешна евалуација, која треба да помине пред комисијата што ја формира Агенцијата и доставува извештај до Министерството за здравство.

– Дел од болниците не стекнуваат по првпат акредитација, но тоа не е помалку значајно, затоа што таму чекорот плус, поместувањето кое е направено е навистина значително. Имаме подобрување и акредитација стекната на една година, сега имаме установи кои се акредитирани на три години, каде има реална апликација на внатрешните процеси, реално подобрување во техничка и во организациска смисла кое најмногу ќе го почувствуваат пациентите – рече директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, Анте Поповски.

Клиниките за детски болести и за ендокринологија и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле се акредитирани на три години, додека на Општата болница Охрид и Клиниката за нефрологија акредитацијата им истекува после една година од денот на донесување на решението.

Акредитацијата во здравствените установи е најраспростанетиот механизам, што во светот се користи за унапредување на квалитетот на здравствената заштита, како и квалитетот на работата на здравствените установи. Со акредитација на сите здравствени установи ќе се добие ист или сличен квалитет на здравствените услуги во сите здравствени установи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...