Градоначалничката Наташа Петровска уште еднаш ја објасни состојбата со проблемите поврзани со превозот на учениците во битолските основни и средни училишта.
– Повеќе од 31.000 гласови во Општина Битола не добив за да продолжат коруптивните зделки „до даска“ што се однесува до превозот. Донесени се законски измени со кои што превозот на учениците е овозможен и треба да биде овозможен со редовните линии по цени како и за останатите патници. Сите инстанци треба да ги почитуваат овие законски определби. Во таа насока се движи и Општина Битола – рече Петровска.
Таа додаде дека во изминатиот период поединци но и политички структури, дебело се нафатирале на грбот на учениците. Парите кои што завршувале во одредени џебови треба да завршуваат во подобрување на условите во училиштата, санирање на дограма, на тоалети, набавка на нагледни средства за децата.
– Имаме ситуации каде што постои линиски превоз до некои населени места, одредени превозници не им дозволуваат на учениците да се качат во автобусите, дури и кога учениците сакаат да си платат како сите останати граѓани во општината. Тоа е апсолутно недозволиво и тоа е кршење на сите права и закони. Се надевам дека разумот ќе превладее, затоа што сите имаме права, меѓутоа имаме и обврски и сите треба да ги почитуваме законите во Република Македонија – рече градоначалничката.
Таа додаде дека ги разгледува и останатите можности за Општина Битола директно да ги рефундира средствата на родителите за изминатите денови.