Петровска: Општина Битола ги намали долговите на училиштата за околу 60 отсто

Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен или да се набават 10 еколошки автобуси, истакна Петровска.

437

Општина Битола ги намали финансиските долгови на основните и средните училишта кои на 31 декември 2017 година изнесуваа 180 милиони денари.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, на денешната прес-конференција, а во пресрет на новата учебна година, посочи дека долгот на основните училишта е намален за 60 проценти, а на средните училишта за 65 проценти.

– По долгогодишна голгота на блокираните училишта во Општина Битола и секојдневно соочување со можност за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење за децата и други останатите редовни потреби на секое училиште, денес по една година и девет месеци, долгот на училиштата е значително намален и тоа во основните за повеќе од 105 милиони денари или речиси 60 отсто од долгот, а во средните долгот се намалил за речиси 56 милиони денари или над 65 отсто..Со други зборови во овој период се исплатени повеќе од 2,6 милиони евра, рече Петровска.

Од осумте основни и двете средни училишта кои биле блокирани, според Петровска, останато е само едно основно училиште блокирано кое се очекува наскоро да биде финансиски растоварено.

– Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен или да се набават 10 еколошки автобуси. Но, иако општината за година и девет месеци отплатуваше нечии наталожени долгови, во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници, неупотребливи тоалети…, истакна Петровска.

Минатата и оваа година вложени се повеќе од 2,2 милиони денари за подобра инфраструктура во училиштата, а во тек е и јавна набавка за санација на објекти во висина од 3,4 милиони денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...