Точно е дека главните „виновници“ за екстремното аерозагадување на Скопје се неповолната микроклима и отсуството на долгорочна стратегија за справување со овој проблем. И се разбира, немам дилеми дека трајни ефекти во борбата против ова зло може да се постигнат само со систематски пристап, а не само со палијативни акции на градските или централните власти.
Но, со сиот ризик и јас да бидам обвинет за „манијакална опседнатост со Петре Шилегов“, морам јавно да му кажам на нашиот градски татко и стенд-ап комичар во слободното време, дека потребата од стратегија не може да биде изговор за отсуството на краткорочни и привремени мерки. И големите европски градови се соочуваат со слични проблеми како Скопје и смислуваат „стратегии“, но кога ќе загусти, се преземаат мерки за итно ублажување на кризите. Тие мерки можат битно да придонесат да се намали аерозагаденоста во најкритичните денови и да се заштитат ранливите категории население.
Значи, што може да нарави Петре Шилегов итно и плус тоа да не чини многу пари?
Општо позната и документирана појава, на пример, се палењата на дивите депонии, од Сарај до Ново Лисиче. Граѓаните се жалат дека овие палежи се сериозни загадувачи на воздухот. Се надевам дека администрацијата на Град Скопје располага со недоволно ангажиран партиски кадар, од кој можат да се формираат еко-патроли, кои деноноќно ќе патролираат во критичните зони и на лице место ќе преземаат енергични мерки против загадувачите.
А што ќе правиме со големите компании, за кои често се тврди дека не ги фермаат мерките за заштита и наводно се „недопирливи“? Шилегов можеби не може да ги спречи фабричките оџаци да загадуваат, но тоа го можат граѓаните на Скопје. Ако имаат градоначалник што ќе ги повика на протестни блокади околу спорните објекти и ако тој застане на чело на протестите. Тешко ли е тоа? Заборави ли Петре кога заедно марширавме по скопките улици и кога го обвинуваме тогашниот режим за сѐ и сешто, меѓу другото и за големата аерозагаденост?
Шилегов може и мора да заведе многу построга контрола на градежните работи во централното градско подрачје. Вака како што се гради во Скопје, во тотална нехигиена и негрижа за околината, не се гради ниту во една нормална европска метропола. Градилиштата мора да бидат чисти како аптеки. А во критичните месеци, градежните работи треба да запираат, за да се заштитиме од градежната прашина.
Може ли да се намали аерозагадувањето што го предизвикува сообраќајот? Се разбира дека може. Европските метрополи имаат големи искуства на тој план. Не се сите обиди секогаш успешни, но може и мора да се експериментира и да се бараат најдобрите решенија.
Во Берлин, на пример, како и во некои градови на Шведска, има т.н. зони на ниска емисија на издувни гасови. Тоа се зони во кои во периодот на енормно загадување не смеат да сообраќаат камиони, автобуси и стари возила. Возилата на кои им е дозволено да сообраќаат, си купуваат вињетки. Кој нема вињетка, плаќа казна. Во Париз, пак, сѐ уште се применува системот пар-непар. Кај нас со тоа се експериментираше во бивша Југославија и имаше некакви ефекти. Во многу градови се ограничува брзината на возење, на автопатиштата од 120 на 90 километри на час, а во градовите (во Брисел, на пример), на 50 километри на час. Така се стимулира и јавниот превоз. А во најкритичните денови се форсира и бесплатен јавен превоз.
Многу може да се стори и за заштита на најранливите категории население, децата и постарите. Апсолутно е недозволено во Скопје да има училница во градинките и во училиштата без просчистувач на воздухот. Поскапите прочистувачи чинат околу 500 евра, но има и двојно поевтини, а квалитетни. Не мора Шилегов да ги купува, но со една сериозна кампања, градските власти би можеле да ги мотивираат родителите самите да купат прочистувачи на воздухот. Кој родител не би платил 500 или 1.000 денари, за да биде сигурен дека неговото дете ќе учи во простор во кој воздухот се прочистува?
Во најкритичните денови, какви што бездруго ќе дојдат, треба да се размисли како луѓето од ранливите категории што повеќе да се задржуваат дома, наместо да бидат на отворено. Добра е идејата зимскиот одмор за училиштата да се подели на два дела. Уште подобра е идејата градот да формира волонтерски служби, во кои волонтери од помладите генерации ќе им помагаат на постарите во домашните набавки, во купувањето лекови и слично. Треба да се засилат и патронажните медицински услуги.
За сево ова и уште за мал милион други идеи и искуства, Шилегов и неговите советници можат да читаат на интернет. Во слободното време, се разбира, кога не се журкаат. Има навистина многу практични, едноставни и применливи идеи, со кои аерозагаденоста може да се намали. Потребен ни е само посветен градоначалник. Затоа, драг наш Петре, дај им малку вољно на апологетите и сериозни фаќај се за работа – прај нешто, друже, немаш изговор!
.