Петнаесет нови амбасадори ќе ги пополнат испразнетите места во септември

Пендаровски најави дека ќе се рационализираат капацитетите на ДКП-та односно некои ќе се затворат, а некои ќе бидат редуцирани, затоа што, истакна, не го оправдале нивното постоење ниту од аспект на продукција, ниту од аспект на нашиот геостратешки интерес, дијаспора, трговски и економски релации…

466

Во последните две години и три месеци има интензивно и драстично подобрување на македонскиот имиџ во Европа и во светот. Во нашата држава има очигледен демократски пресврт. Манифестиравме вистински, европски начин и решивме едно прашање што не држеше надвор од процесот на ЕУ и НАТО интегрирањето, а тоа е разликата околу името со соседна Грција. Претходно направивме исчекор со Договорт за пријателство со Бугарија.

Ова меѓу другото го истакна во денешното обраќање министерот за надворешни работи Никола Димитров на состанокот на Амбасадорскиот совет, на кој два дена ќе се дикутира и ќе се градат насоки на европерспективата на земјава.

Според Димитров, донесувањето на законот за јавно обвинителство и водењето транспарентна, непристрасна истрага за случајот „Рекет“, се двете клучни работи кои многу ќе ни помогнат да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври.

На состанокот, на кој се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, шефот на дипломатијата Димитров, потенцирајќи дека последниве две години има интензивно, очигледно и драстично подобрување на состојбата во однос на евроинтеграцискиот процес и водењето на надворешната политика, се осврна на извештаите во кои е нотиран напредок, „Економист“ за состојбата на демократијата, на Стејт департментот за прогресот во однос на слободата на медиумите и независноста на судството, како и извештајот на „Репортери без граници“, иако, потенцира, имаме уште за работа.

Претседателот Пендаровски испрати три пораки во однос на добивањето датум за преговори со ЕУ, за Договорот со Бугарија и дијалогот Белград-Приштина.

Информира дека овој и наредниот месец, од 27 празни амбасадорски позиции, ќе бидат пополнети околу 15 места. Најави дека ќе се рационализираат капацитетите на ДКП-та односно некои ќе се затворат, а некои ќе бидат редуцирани, затоа што, истакна, не го оправдале нивното постоење ниту од аспект на продукција, ниту од аспект на нашиот геостратешки интерес, дијаспора, трговски и економски релации…

Пендаровски најави и засилена дипломатска активност во следните четири месеци со посета на Виена, Париз, Токио, Рим и Варшава.

Главната теза на претседателот Пендаровски во однос на членството во ЕУ односно очекувањето во октомври да го добиеме датумот за почеток на преговори, е дека не треба никој да има илузии за тоа оти некоја земја членка и по добивањето на датумот нема да не блокира после неколку месеци. Исклучително важно е, подвлече тој, дека дистрибуцијата на места во новиот Европски Парламент, наспроти сите предвидувања, е одлична за нас во однос на проширувањето на ЕУ.

– Ваша задача не е да агитирате за раздвојување на Албанија од Северна Македонија. Наша задача не е да им укажуваме на европејците дека треба да не раздвојат. Заедничка задача е да ги убедуваме дека ние треба да добиеме датум за преговори – им порача на дипломатите Пендаровски, додавајќи дека во принцип треба да сме „за“ проширувањето со сите држави од Западен Балкан, меѓу кои и со Босна и Херцеговина.

Тој предвидува дека во имплементацијата на Договорот со Бугарија, може да има поголеми проблеми и евентуални опструкции од таа страна, рече, отколку од грчка страна. Има позиција државниот врв, истакна Пендаровски, унисони сме во таа заложба да и дадеме политички грб на работата на Комисијата и да овозможиме од наша страна амбиент за нејзиона продуктивна работа. Тоа го очекуваме и од Софија, порача претседателот на државата Пендаровски и рече дека не гледа стратешка причина, ниту дневно политичка за Комисијата да нема напредок.

– Во работата на заедничката комисија на историчари се случуваат политички влијанија кои ја забавуваат нејзината работа. Околината околу комисијата не е таква каква што беше пред пет/шест месеци.  Цврсто да застанеме и како политичари и како дипломати на позицијата на стратешките интереси на земјата и на нацијата во тие преговори кои се исклучително битни – изјави Пендаровски и изрази надеж дека следната средба на Комисијата во септември ќе биде продуктивна.

Во однос на прашањето Белград-Приштина, им препорача на дипломатите во државите во кои се акредитирани да го изнесат ставот дека не е точно оти кое било решение ќе одговара и за регионот.

– Не секое решение меѓу Белград и Приштина, особено она кое подразбира промена на граници и размена на луѓе и територии, е добро и за регионот. Сите треба да се држиме до тезата „да“ за било какво решение за кое ќе се договорат, но тоа мора да придонесува за регионалната безбедност и стабилност, а не да ја разнишува – порача претседателот Пендаровски, бидејќи по систем на домино ефект, појасни, може се да се случи ако влеземе во такво размислување и не дај боже во имплементации на идеи кои, оцени, се прилично анахорони во 21 век.

Во рамки на состанокот на Амбасадорскиот совет, за утре се најавени работни средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претседателот на Владата Зоран Заев и со потпретседателот задолжен за европски прашања Бујар Османи. Предвидени се и неколку работни сесии на кои Димитров и амбасадорите на Северна Македонија акредитирани во земјите-членки на ЕУ подетално ќе ги разгледаат сите аспекти релевантни за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...