Веќе 12 години Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува стипендии на студенти од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, а оваа година 42 студенти станаа стипендисти на оваа Фондација. Освен нив, петмина доктори по медицина и фармацевт се закитија со еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност, благодарение на просекот 10 во студирањето.
Првенците се Марио Игњатовиќ од Фармацевтскиот факултет, Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски од Медицинскиот факултет, сите стипендисти на Фондацијата Трајче Мукаетов, како и Никола Манев од Медицинскиот факултет.
– За првпат годинава имаме петмина првенци на генерација и сите се со просек 10, па бевме на „слатки маки“ – еден е од Фармацевтскиот факултет, а четворица од Медицинскиот. Веќе на 15. ноември еден од нив почнува да работи во „Алкалоид“ а до крајот на годината 81 стипендиран студент ќе биде дел од компаниските процеси. Особено ме радува што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти и за стипендија, па решивме наместо 40, да доделиме 42 стипендии на студенти од овие два факултети. Се надевам дека наградувањето на младите таленти ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во македонското здравство и фармација – изјави на денешната прес-конференција Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на „„Алкалоид АД Скопје“.
Оваа Фондација од учебната 2007/08 година досега стипендираше 500 студенти од овие два факултети – од нив 246 се студенти на Фармацевтскиот факултет, а 254 од Медицинскиот факултет. Вкупно 197 се веќе дипломирани фармацевти и 177 се доктори по медицина.
Стипендијата изнесува 6.500 денари а се прима 12 месеци. Имињата на стипендистите утре ќе бидат објавени во печатените медиуми.
Од 2009 година досега во „Алкалоид“ кариерата во сегментот Фармација ја почнале 79 стипендисти на Фондацијата, а во ноември ќе им се приклучат уште двајца.
Под закрила на фондацијата „Трајче Мукаетов“ во септември годинава се спроведе деветтиот хуманитарен хепенинг организиран за вработените на компанијата. Собраниот износ од 1,255,844.00 денари се донирани на здружението на граѓани „О2 Иницијатива“ за поддршка на нивните заложби за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна околина.
Ректорот на скопскиот универзитет „Св.Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, рече:
– Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет се најдобрите и имаат изразена соработка со „Алкалоид“ уште од формирањето. Подрршката од Фондацијата е битен придонес во подобрувањето на здравствениот систем во нашата земја. Соработката меѓу „Алкалоид“ и УКИМ има нова димензија, а наградувањето на младите таленти, многу значи и за нив и за универзитетот – нагласи проф. д-р Јанкуловски.
Проф. д-р Соња Топузовска, деканка на Медицинскиот факултет, изјави:
– На 20 наши студенти во трета и во четврта година се доделени стипендии. Оваа наша водечка фармацевтска компанија се обидува да ги задржи студентите да продолжат да работат во сопствената држава, што е за поздравување, а ова е од исклучително значење – рече деканката.
И деканката на Фармацевтскиот факултет, проф. д-р Светлана Кулеванова, се заблагодари на ваквото мотивирање на најдобрите.
– Стипендиите се од големо значење, а како дел од здравствениот систем сите ние се трудиме максимално да придонесеме. А практикантството коешто го овозможува „Алкалоид“ е добра можност за нашите студенти, бидејќи едно е да се работи во лабораторија на факултет, а друго е во реалноста да се види како се работи, да се стекнат пракични знаења и искуства – рече Кулеванова.