Секретарот на ГДУ, Димо Петкоски, вели дека кога полнењето на резервоарите e луксуз, на локалните скопски власти им успеа мерката за помасовно користење на велосипедите како превозно средство.
„Но, почитувани градоначалници, тоа не е поради субвенциите кои ги давате, туку заради акцизата на горивото, стокмена од двоецот без кормилар, Анѓушев-Тевдовски а за која Собранието даде зелено светло.
И среќа што сега времето е топло и суво па може скопјани да возат велосипеди, секојдневно покажувајќи ги своите акробатски и каскадерски вештини. Тие секако, треба да внимаваат како ќе стигнат до работните места и да се потрудат да стигнат живи и здрави. Мислам,навистина да се потрудат.
Освен неколку велосипедски патеки по главните сообраќајници и кејот на Вардар, движењето со велосипед низ Скопје е како потрага по возбудливи приказни. Нивната безбедност е загрозена а локалните власти се фалат со популистички мерки за субвенции за велосипеди. ( да бидам искрен, безбедни се само оние што се движат во возила со придружба, со џипови и со возила без регистарски таблички).
И таму каде што ги има велосипедските патеки, ги уништивте, затоа што врз нив поставивте и автобуски постојки. Наместо да го решите, вие успеавте да создадеде уште поголем хаос во сообраќајот!
Бидејќи акцизно не стимулирате нас граѓаните и очигледно не им оставате избор, тогаш преземете мерки за да се избегнат несреќи.
Потребен е сообраќаен проект кој ќе се однесува на Градот Скопје во целина, игнорирајки ги овековечените глупости од типот – Добре дојдовте во Општина Центар и сл.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, просто мора повеќе да се потруди и да им овозможи на стручните лица во градската администрација нивните проекти да се спроведат во дело. Впрочем, многу нешта немаат врска со политиката, туку само со квалитетот на нашето секојдневие“, е ставот на Петкоски.