Не смееме да дозволиме политичкиот простор повторно да се исполни со теми кои засегаат во меѓуетничките односи, кои отвораат прашања за оценки и преоценки на национални идентитети, дефнирања на јазици, оценувања на нечиј колективни традиции или обичаи, оцени претседателот на НСДП Тито Петковски, на партински настан во Тетово.
„Наоѓајќи се во предворието на НАТО и ЕУ, сите релевантни политички фактори во земјава мора да го покажат своето единство, да ги надминат своите тесни интереси и политичката енергија да ја насочат кон финализирање на евро-интегративните процеси на Северна Македонија. Само на тој начин може да се постави брана на националистичките ветрови кои деновиве очигледно некои ретроградни центри, вкоренети во 19-от век, се обидуваат да ги побудат во земјава во пресрет на превремените парламентарни избори“, рече Петковски пред делегатите на оштинската изборна конференција.
Тој посочи дека оптоварувањето на јавноста со Законот за употреба на јазиците и нацонал-шовинистичкиот став на Бугарската академија на науките во однос на македонскиот јазик, во пресрет на изборите не смеат да создадат политички тензии и драматизирања со теми кои може да го изместат фокусот државата од демократските цивилизациски вредности на современиот свет кон национал-романтичарски илузии и привиденија.
-Политичката борба да се води со идеи, на пример, како да се реформира правниот систем во државата, како да се зајакнат економските капацитети на општеството во пресрет на нашето интегрирање во европскиот пазар, прашањето на системско третирање на образованието и културата, се сосема легитимни прашања на кои политичките партии треба да понудат одговор. Мултиетничноста на нашето општество не може да си дозволи уште едни парламентарни избори да падна во сенка на тензии предизвикани од центри на кои национализмот им служи како параван за криминал и корупција – порача Петковски.