Решени сме да ги отсечеме опашките во политиката!

Потребно е да воведеме европски стандарди за работа на судството, обвинителството, администрацијата. Да создадеме и изградиме специјална структура од млади професионалци, неизвалкани во битките на „опашките“, која ќе се бори со корупцијата по моделот на Романија.

1414

До каде сме со бројчаникот?

Не можам да го скријам личното задоволство од препораката на ЕК за почнување на преговори за членство на Македонија во Европската Унија. Посетата на Скопје и позитивниот однос на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ми влева дополнителна надеж дека сме на правиот пат. Исто така сум оптимист и верувам дека нашата земја ќе успее да направи исчекор за влез во НАТО.  Општествениот консензус по овие прашања, како и заедничките позиции на власта и опозицијата на повеќето од вонпарламентарните партии, како и на граѓанскиот сектор , ми дава надеж дека ќе успееме. Ова е важно, како за нас така и за идните генерации кои заслужуваат и имаат право на подобри перспективи од нашите. Имплементирањето и почитувањето на европските вредности ќе ни даде можност за еден нормален и достоинствен живот кој нашите сограѓани го заслужуваат.

 Но, од каде ќе започне преговорниот процес?

Тоа се поглавјата 23 и 24- правна држава, владеење на правото, борба против корупцијата, реформи во администрацијата, човекови права и цивилна и ефикасна контрола врз разузнавачката заедница. Не можам а да не ја изразам мојата загриженост од сериозното отсуство на забележителни чекори на реформите во тој правец. Обидувајќи се да си одговорам себеси, можеби и стигнав до основата на проблемот. Кој ќе го реформира правосудството кога судиите во земјава се „одбрани-назначени” од СДСМ, ДПМНЕ или ДУИ?! Треба да очекуваме дека ќе постигнат консензус и одеднаш ќе ја прекинат востановената „соработка” со од нив назначените судии и обвинители кои ги користат како инструмент преку годините?! Ајде да не бидеме наивни, тоа значи да си пукаат во колено. Зарем забораваме дека во понеделник оди на суд сегашниот, а во вторник поранешниот премиер? Да почитувани сограѓани, ние живееме во таква држава. И за жал не гледам особено спротивставување од „релевантните политички фактори” околу тоа.

 Куче лае, мече трае!

Реформа во администрацијата? Звучи интересно секако, но кој и како ќе ја спроведе? Па треба да се отпуштат неспособните кадри, кои само земаат плата и демонстрираат сила и власт. А кои беа тие? Оние кои можете да ги видите во првите редови на митинзите на ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, или од редот на неброените „коалициони партнери”. И ние од нив очекуваме реформа? Како ќе се случи тоа со играчите кои го создале проблемот? Тие се дел од проблемот, не од решението.

А како против високата корупција? Интересно е како во нашава земја нема еден осуден за корупција, барем еден од високите кругови на власта. Е како да го судат судиите назначени од партијата чиј функционер е обвинет? Невозможно и нереално нели? Ние почитувани сограѓани ги имаме најбогатите партии во Европа и најсиромашните граѓани во истата. Тоа е болната реалност. И колку повеќе бегаме од тоа да ја погледнеме реалноста во очи, толку повеќе ќе се давиме во сопствената мизерија. А канцерот е тој, нефункционирање на правната држава, непочитувањето на законите, корупцијата и целосното отсуство на одговорност кај избраните и именувани функционери, нарушени граѓански права и слободи. Па затоа прашувам, до кај сме со бројчаникот? Ако се немаат предвидено средства во буџетот, убеден сум дека не има илјадници кои сме подготвени да донираме средства за да го изградиме. Но, веројатно проблемот е поинаков.

Тоа се опашките во политиката и „џентлменскиот” договор да не си ги „газат“ истите! Нас од ГДУ нѐ не интересираат ничии опашки, немаме намера да се сопнуваме на нив туку сме решени да им да ги отсечеме! Уште ли ќе се криеме зад разни препораки, извештаи, анализи, не знаеме што е добро а што лошо?! Четворица или петмина ќе преговараат, ќе се усогласуваат дека белото е бело?

Потребно е да воведеме европски стандарди за работа на судството, обвинителството, администрацијата. Да создадеме и изградиме специјална структура од млади професионалци, неизвалкани во битките на „опашките“, која ќе се бори со корупцијата по моделот на Романија. Проучете го тој модел, мислиме да го имплементираме во целост. И кој нема да работи по тие правила, по принципите на приватниот сектор, но и по установената пракса во Европа, ќе одговара пред законот и ќе оди на пазарот на трудот.

Ќе боли, но така треба, ако не го отсечеме туморот ќе го загубиме организмот.

Времето си минува!

Реакција на Петар Колев, претседател на ГДУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...