Перуанец и Црногорци шверцале течен кокаин од Перу преку Сао Паоло, Франкфурт и Виена, фатени во Македонија

457

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за двајца државјани на Црна Гора и еден на Перу откако лани во ноември се обиделе да прошверцаат кокаин преку границата Македонија-Косово.

Кокаинот бил набавен во Перу, а требало да стигне до Босна и Херцеговина. Патот по кој бил пренесуван бил преку Сао Паоло во Бразил од каде авионски е пренесен во Франкфурт, Германија, потоа до Виена, Австрија, а од таму до скопскиот аеродром. Од Македонија, по копнен пат тој требало да стигне преку Косово до БиХ. Меѓутоа, хероинот го обработиле хемиски и бил во течна состојба, со којашто течност намокриле алишта.

– Црногорците од непознато лице од Перу неовластено заради продажба купиле наркотична дрога кокаин. Продавачот го ангажирал третообвинетиот, државјанин на Перу, да ја пренесе наркотичната дрога – кокаин од Перу до нашата држава, а потоа преку косовска територија до Босна и Херцеговина. Заради непречено пренесување, дрогата била хемиски третирана, при што кокаинот од прашкаста форма преминал во течна агрегатна состојба и со него биле потопени повеќе различни парчиња гардероба. Продавачот од Перу ја спакувал гардеробата во куфер и му го предал на обвинетиот, кој со со лет од Сао Паоло преку Франкфурт и Виена на 30.11.2018 година околу 01 часот пристигнал на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во меѓувреме, обвинетите црногорски државјани преминувајќи ја државната граница на Блаце со патничко моторно возило Голф со црногорски таблички се упатиле на скопскиот аеродром, а ноќта се сретнале во хотел во Скопје – наведуваат од обвинителството.

Наредното утро тие се упатиле кон граничниот премин Блаце. Црногорците со нивниот автомобил, а Перуанецот со такси.

Од страна на граничната полиција на Косово на обвинетиот државјанин на Перу не му бил дозволен влез бидејќи не поседувал виза и тој со истото такси возило се вратил на  Блаце од каде телефонски ги известил другите двајца обвинети дека не му е дозволен влез и оти се враќа Македонија. Истиот ден, Перуанецот повторно се пријавил како гостин во хотелот и во попладневните часови од страна на полициски службеници од МВР е лоциран и лишен од слобода.

Црногорците, пак, попладнето решиле да се вратат за да се видат со него во Македонија и на граничниот премин биле уапсени.

Во куферот на Перуанецот се пронајдени: десет блузи, три дуксери, еден џемпер, осум маици, едни кратки панталони, три пара долни тренерки, една кожна јакна, два пара фармерки, два пешкири, два пара волнени sиври, четири долни веша, еден чаршав, четири пара чорапи, шест парчиња текстил со неправилна форма, еден пар влечки, еден пар кондури и еден пар патики кои биле потопени во течен кокаин.

Македонските власти во соработка со српската форензика, хемиски ја обработиле облеката од која излегол хероин од 976 грама, но вкупната количина сѐ уште не е прецизирана бидејќи не е завршено физичко-хемиското вештачење.

За сите тројца, обвинителството бара притвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...