Два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 м3, биле опожарени во текот на изминатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров, информира Комунална хигиена.
Во истиот период се запалени и шест пластични контејнери од 1,1м3 во населбата Ново Лисиче. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и за време на изминатиот викенд се соочи со ваков инцидент во скопската населба Радишани, каде што изгореа три контејнери од 1,1 м3 и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло.
– Опожарените садови се целосно уништени и неупотребливи. Веќе имавме случај на еден опожарен нов контејнер на улицата Рузвелтова, а во текот на минатата ноќ изгореа уште два нови и шест од старите садови за одлагање на отпадот. Покрај значителната финансиска штета што е нанесена на ЈП „Комунална хигиена“, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад. Апелираме да престане вандализмот и уништувањето на контејнерите, за екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.
Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање на отпадот се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.