Пензијата за претседателите не значи мирување

905

Откако стана јасно дека новото седиште на поранешниот претседател Ѓорге Иванов ќе го допре небото во велелепна канцеларија од речиси 300 квадратни метри во зградите на Џеваир Скај сити во Аеродром, почнаа коментари во јавноста дека македонските поранешни татковци на нацијата живеат на висока нога на државна сметка, а при тоа не се доволно активни во општествениот и во политичкиот живот.

Аналитичарите порачуваат дека пензионираните претседатели не можат да си дозволат отсутност од политичката сцена и предлагаат да се формира Совет на поранешни претседатели кој би ги споделувал со јавноста своите препораки во битни моменти за државата.

Зоран Јовановски, член на Управниот одбор на Стопанската комора во колумна насловена „Претседателот и економијата“, неодамна отвори нова перспектива и задача за новиот македонски претседател, но и за поранешните.

Јовановски вели дека од досегашната практика во нашата земја, најчесто, претседателите немале посебно истакната улога во однос на домашната економија, а и не се екипирале нешто особено за тие прашања. Тој напиша дека идниот претседател на земјата би можел да биде проактивен во поглед на економските случувања, како и дека би можел значително да го подигне нивото на промоција на македонскиот бизнис со вклучување бизнисмени од земјава при посетите на странски земји и да посвети внимание на економската дипломатија.

Зоран Витанов, економски аналитичар, пак, вели дека ако се земе предвид дека битката за националните интереси нема цена, тогаш македонските претседатели се премалку платени. Тој прави споредби како работат поранешните претседатели во другите држави. За пример го наведува поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, кој може со својот буџет да си дозволи да биде многу поактивен, да организира посети на други земји и да ја промовира својата држава и по неговото заминување.

Иако некои сметаат дека претседателските ингеренции според македонскиот Устав се мали во однос на влијанието што шефот на државата може да го има во креирањето на актуелните политики, а камоли за градење политичка слика по неговото заминување, сепак не го поддржуваат нивниот молк, кој може да се идентификува со незаинтересираност или лажна одважност.

Што му следува на претседателот во пензија?

Според Законот за правата на поранешните претседатели и нивните семејства, буџетот на  канцеларија на Иванов, изнесува осум отсто од буџетот на претседателот на државата, кој за 2019 година тежи 81 милион денари. Канцеларијата на Иванов на годишно ниво располага со околу 105.000 евра, колку што тежи и канцеларијата на Црвенковски, а ќе можат да се вработат најмногу три стручни лица. Поранешниот претседател има право на лично обезбедување и право на користење на службено возило и возач.

Според законот, пензијата на поранешните претседатели, се пресметува според методологија на коефициент 4,5 на просечната плата во земјата, а е ограничена во висина на платата на актуелниот претседател.

Претседателот освен што е врховен командант на вооружените сили и претседател на Советот за безбедност на земјата, ги назначува амбасадорите, предлага гувернер, тој ја претставува државата и од тоа како го практикувал мандатот многу ќе зависи каква слика ќе остави и според кои пораки ќе биде запаметен.

Иванов ќе остане запаметен по тоа што до последен момент не дозволи промена на името на инстутуцијата претседател на Република Македонија, не потпишуваше закони затоа што не го признаваше новото уставно име на државата, по неколку контроверзни одлуки, меѓу кои амнестијата на осомничените во постапките на СЈО, тактиката топло-ладно со доделувањето мандат на СДСМ за формирање влада по парламентарните избори во декември 2016, откако ВМРО-ДПМНЕ во предвидениот рок не успеа да ја формира.

Вообичаено, поранешните претседатели на државите отвораат разни фондации и продолжуваат да ги промовираат вредностите за кои се залагаат. Такви фондации досега беа отворени од првиот македонски претседател Киро Глигоров и по трагичната смрт на Борис Трајковски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...