Пензионер од Скопје, немајќи доверба во Јавното обвинителство, го информирал Народниот правобранител дека поднел иницијатива за поведување истражна постапка за случајот со садењето палми во повеќе градови низ земјата, а кои во меѓувреме, се
исушија.
Народниот правобранител оценил дека станува збор за прашање од општ интерес и бидејќи, според објавените информации во јавноста, претпоставената штета е повеќе од половина милион евра, решил да се обрати до обвинителството.
„Од Основното јавно обвинителство беше известен дека е обезбедена документација од Министерството за внатрешни работи и дека станува збор за основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувања, со оглед на тоа што во случајот директно е оштетен Буџетот на Република Македонија. Токму затоа, предметот е доставен до Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со цел донесување мериторна јавно-обвинителска одлука“, се наведува во годишниот Извештајот на Народниот правобранител кој денеска беше претставен пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.