Пензионерски поход по лекови – секој први битка за лек на рецепт

Реагираме, нормално, за овој проблем до Фондот за здравство, но оттаму постојано само ветуваат, ама тешко остваруваат. Бараме бројот на лекови на рецепт да се зголеми и да ги има во сите аптеки во текот на целиот месец, за да не одиме од една во друга аптека и да бараме лекови, велат од Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија.

222

Големо мнозинство граѓани сметаат дека во аптеките нема доволно лекови или дека има само до петти во месецот. Ова се резултатите добиени од онлајн-анкетата на Истражувачкиот центар на „Макфакс“.

Анкетата опфати 2.261 учесник, од кои на прашањето „Дали има лекови во аптеките“, дури 48,4 отсто одговориле дека нема доволно. 28,15 отсто одговориле дека лекови има само до петти во месецот, а 11,9 проценти одговориле дека бараат лекови во сите аптеки. Доволно лекови во аптеките има според одговорот на 11,6 отсто од учесниците.

Анкетата траела 24 часа, од 7 до 8 март, и била спроведена преку 13 веб-страници. Од учесниците во анкетата 62,3 отсто се мажи, а 37,7 отсто се жени.

Фондот за здравство пред Нова Година ги прераспредели месечните квоти со лекови, со што некои аптеки добија „инфузија“ на месечниот износ, а кај некои квотите со лекови беа намалени. За намалените квоти тогаш реагираа дел од аптеките, предупредувајќи дека многу порано ќе им се троши месечната квота со лекови и дека граѓаните или ќе мораат да ги шетаат аптеките или ќе треба приватно да ги купуваат лековите, а незадоволството од таа состојба да го искажуваат врз аптекарите.

Реагираа и граѓаните, најчесто хронично болните, дека со лекови на рецепт не можат да се снабдуваат во најблиските аптеки и тоа откако ќе поминат неколку дена од месецот, и дека мораат да одат во подалечните аптеки за да дојдат до бараните лекови.

Се чини дека дел од забелешките на граѓаните тогаш допреле и до надлежните во Фондот за здравствено осигурување, па во февруари беа еднократно зголемени квотите со лекови на сите аптеки и тоа со 12.000 денари.

Но во март повторно истите проблеми со снабдување со лекови.

– Не смеам да чекам да помине ни еден ден по први во месецот кога стасуваат лековите ако сакам да ги земам на рецепт, па чувам пари за партиципација од претходната пензија, бидејќи ми требаат околу 800 денари за сите лекови. Ако чекам да стаса пензијата најдоцна до 7. во месецот, ќе ми се потрошат лековите, па ќе мора да ги купувам на приватно – вели пензионер од Скопје.

Друга пензионерка си го купува на приватно лекот за притисок, заедно со лек за измокрување.

– За 179 денари по кутија ни чекање ни квоти, барем не се малтретирам да го барам лекот на рецепт и си го купувам овој лек кој не ни оди на рецепт, иако би требало – вели оваа пензионерка.

Од Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија велат:

– Реагираме, нормално, за овој проблем до Фондот за здравство, но оттаму постојано само ветуваат, ама тешко остваруваат. Бараме бројот на лекови на рецепт да се зголеми и да ги има во сите аптеки во текот на целиот месец, за да не одиме од една во друга аптека и да бараме лекови. Бидејќи некаде по 10. и 15. во месецот ни велат „има лекови, ама не на товар на Фондот, купете ги приватно“. Пензионерите реагираат до нас, а има над 310.000 пензионери во државата, а ние во нивно име се обраќаме до Фондот. Кај нас членуваат 265.000 пензионери а со овој проблем се судруваат сите. Имаме и 3 инвалидски здруженија кои исто така реагираат за недостиг од лекови во аптеките, а ние како репрезентативен партнер, реагираме за сите нив. Минатиот месец нешто дадоа плус во аптеките, но лекови на рецепт треба постојано да има – вели Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија.

Од Фондот за здравство денеска побаравме коментар за анкетата, како и одговор како подолгорочно да се реши проблемот со снабдувањето и лекови на рецепт да има во текот на целиот месец, а не само во првата половина или до 5. во месецот, односно дали се планира зголемување на квотите со лекови, но не добивме одговор.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...