Почина 65-годишна пензионерка од Штип од тропската болест лишманиоза, потврдуваат од Центарот за јавно здравје-Штип. Епидемиологот, д-р Александра Србиновска вели дека состојбата со оваа болест е загрижувачка и тоа во 21 век. Загрижувачки е што се откриени и три нови случаи на лишманиоза, кај две деца и еден возрасен маж, во изминатите три месеци.
– Оваа болест не се лекува со антибиотици, значи еден случај треба да нѐ алармира. Ние сега имаме заболен човек, кој што има 49 години и две деца, едното е шест, а второто една година. Ова заболување, ако не се забележи навреме и не се лекува, може да биде смртоносно и ги напаѓа сите органи. Веќе имаме и еден смртен случај – вели Србиновска.
Таа додава дека резервоар на оваа болест се кучињата, а мушичките се тие кои од кучињата ја пренесуваат на луѓето.
Србиновска нагласува дека инкубацијата е над шест месеци, во зависност од имунитетот на заболеното лице, а сипмтомите се изнемоштеност, болка, анемија, зголемуавње на јетрата и слезинката.
Од Анима Мунди денеска реагираа со соопштение: „Се обраќаме со цел да запре кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња и нивното поврзување со трагичната смрт на жена како последица од заболување со лишманија. Потребно е граѓаните да знаат дека извор на болеста не се кучињата – станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации кои ги ставаат на удар кучињата – затоа што кучињата сами по себе никако не можат да бидат извор на болеста која се шири само преку инсект (мушичка), за што е потребно градот да врши редовна дезинсекција“.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...