Пензиите ќе растат, ново зголемување на стапката за ПИОМ од 0,4 отсто во следната година

За две години пензионерите добија зголемување од 1.746 денари со новото усогласување.

1361

Стабилизирање на Пензискиот фонд и драстично зголемување на пензиите се постигнати со последните реформите во пензискиот систем. Пензионерите со потпросечни пензии добија бесплатно болничко лекување и не плаќаат здравствена партиципација, а сите пензионери имаат можност бесплатно да се вакцинираат. Следниот период ќе продолжат реформите на пензискиот систем што ќе овозможи натамошно зголемување на пензиите. Ќе се зголеми и придонесот за 0,4 отсто што ќе влијаа на натамошното финансиско стабилизирање на Фондот.

Ова беше речено пред денешната средба на премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче со пензионери од Скопје.

Претседателката на Сојузот на пензионери Станка Трајкова рече дека пензионерите се задоволни што во изминатиот период немало намалување на пензиите како во други држави и што владата ги послушала и го прифатила усолгасувањето на пензиите и со трошоците на живот.

– Радува тоа што следната година сите пензии ќе бидат зголемени со ист износ, а тоа ќе го подигне нивото на пензиите и стандардот на пензионерите. Со јануарската исплата сите пензионери ќе добијат повисока пензија. Сојузот ќе го следи усогласувањето на пензиите и ќе го дава своето мислење – рече Трајкова.

Премиерот Заев рече дека зголемувањето на пензиите е резултат на пензиската реформа и постигањата во економијата и не е поради изборите.

– Зголемувањето на пензиите е најавено во април и мај на средба со пензионерите – рече Заев.

Тој соопшти дека за две години со новото усогласување пензиите, наместо за 400 денари пораснале за 1.746 денари, а просечната пензија следната година ќе изнесува 15 500 денари.

– Со нашата мерка пензионерите следната година во просек ќе добијат 10.000 денари или месечно просечно по 850 денари. Трет месец со укинување на квотите тие имаат можност да земат лек секој ден во текот на месецот, а обезбедивме и дополнителни средства во буџетот за следната година од 89 милиони денари за болничко лекување на пензионерите со потпросечни пензии – рече Заев.

Тој ги повика пратениците да ги изгласаат измените на законот со кои се овозможува пензиите да се зголемат од 800 до 900 денари во јануари.

Директорот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување Исни Јакупи најави ново зголемување на партиципацијата од 0,4 отсто следната година што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на фондот.

– Пензискиот фонд на краток и среден рок ќе продолжи да се стабилизира и нема да има проблеми. Изминатиот период ја зголемивме стапката на придонеси за 0,4 отсто на 18,4 отсто што даде резултати. Следната година е планирано ново зголемување од 0,4 отсто, а потоа ќе се прави пауза за да не се оптоварат фирмите – рече Јакупи.

Тој додаде дека очекува  наредните години да се достигне старата стапка од 23, 5 отсто која ја укина владата на ВМРО-ДПМНЕ и ја намали на 18 отсто.

Министерката за труд и социјална политика изјави дека и во следниот период се планира да продолжат реформите се со цел да се подобри положбата на пензионерите, а министерот за здравство Филипче говореше за подобрените усови за лечење на пензионерите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...