Пенелопе Круз ја доби највисоката награда на филмскиот фестивал во Сан Себастијан, наградата Доностија.
Наградата на актерката ѝ ја врачи синоќа на гала-церемонија нејзиниот близок пријател, фронтменот на групата U2, Боно, кој ја пофали актерката за нејзините филмски улоги и за нејзината екстремна загриженост за човештвото.
При прифаќањето на наградата, Круз зборуваше против семејното насилство врз жените во Шпанија и низ целиот свет.
– Годинава 44 жени се убиени од родово насилство во нашата земја, а од 2003 година повеќе од илјада. Колку жени се убиени во целиот свет?.Се надевам дека кога жената ќе собере надчовечка сила, таа ќе каже низ што поминува во таква ситуација, тоа ќе се чуе на почетокот, а не кога ќе биде предоцна – рече Круз.
Круз ја посвети наградата на своите родители, нејзините деца и сопруг, колегата и актерот Хавиер Бардем и тројцата режисери со кои работеше: Педро Алмодивар, Бигас Луна и Фернандо Труеба.
Таа е најмладата актерка која ја освои наградата Доностија.