Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ќе го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Собранието вчера на свечена седница едногласно со 114 гласови „за“ го усвои Законот што ќе се применува по ратификацијата на Протоколот за НАТО од Шпанија, по што се очекува земјата да стане 30-та членка на Северноатланската алијанса. По седницата знамето на Северноатланската алијанса беше ставено на јарболот до македонското знаме пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија.
Амбасадорката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон потврди дека сите очекуваат знамето на Северна Македонија да започне да се вее пред седиштето на Алијансата во Брисел мошне скоро, најрано на пролет.
Хачинсон денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата. На брифингот за новинарите таа укажа дека на состанокот ќе се разговара за тековните приоритети и насоките дадени „на НАТО самитот лани во декември“.
Еден од приоритетите годинава е проширувањето на Алијанста со уште една земја, Северна Македонија, откако поминаа ратификациите во парламентите на сите земји членки.
– Знамето на Македонија ќе се вее пред Брисел најрано на пролет. Нашите македонски сојузници направија одлична работа со реформите. Пофалби за трпението и за лидерството со решавањето на (проблемот) со името што беше клучно за започнување на целиот процес на членство – изјави таа.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали неусвојувањето на нов закон за одбрана го става во опасност членот пет на Повелбата на НАТО за колективна одбрана, вчера потсети дека Северна Македонија секако ќе биде обврзана да го почитува.
Членот пет на Повелбата на НАТО е еден од најважните столбови на Алијансата, тој предвидува дека напад врз една земја членка се смета за напад врз сите останати.
– Членот пет за колективна одбрана ќе биде обврска што произлегува од договорот штом Северна Македонија стане полноправна членка. Ние го потпишавме пристапниот протокол и штом сите НАТО сојузници го ратификуваат, Повелбата ќе се примени врз Северна Македонија, а членот пет ќе биде обврска – изјави Столтенберг.
На вчерашната свечена собраниска седница зборуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, претседателот на Собранието Талат Џафери, координатори на пратенички групи, пратеници меѓу кои и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. Зборуваше и претставник на НАТО.
Пристапувањето кон Северноатлантскиот сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. НАТО е сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и врз заеднички вредности. Членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност, истакна претседателот Пендаровски.
– Уште од нашето пристапување кон Партнерството за мир во 1995 година ние се обврзавме активно да придонесуваме кон одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, особено во борбата против меѓународниот тероризам како најголема безбедносна закана во современиот глобализиран свет. Нашата посветеност кон оваа задача и нашата солидарност со сојузниците во НАТО ја докажавме преку активното учество во повеќе мисии на алијансата во различни региони во светот во изминатите години – порача претседателот на државата на свечената седница.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во својот говор потенцираше дека нашиот пат кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Го честита скорото зачленување во НАТО, потенцирајќи на заложбите што низ годините ги дале владите, парламентите, но и граѓаните со својата континуирана поддршка за членството во НАТО.
– И покрај нашиот неуспех тоа да го постигнеме на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, со добивањето условена покана за членство во Алијансата, иако разочарани, не бевме поколебани да продолжиме со остварувањето на нашата стратешка цел. Напротив, Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и сите други државни институции, продолжија многу трудољубиво и со многу голем ентузијазам, посветено да работат на реформската агенда поставена од НАТО – рече претседателот на Собранието.
Евидентен пример за оваа дводецениска макотрпна работа, според него, се годишните национални планови и сојузништвото во мировните мисии на НАТО ширум светот, рамо до рамо со високо обучените и технолошки најразвиените армии на Алијансата, за што до ден денес нашите војници добиваат највисоки оценки за покажаната борбеност, подготвеност и дисциплинираност.
– Со ова, ние постигнавме win-win ситуација – ја подготвивме Армијата и државата според НАТО стандардите и ги исполнивме НАТО критериумите за членство – рече Џафери.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски на свечената седница по повод ратификацијата на Протоколот за членство на земјата во НАТО истакна дека по 27 години од првата одлука за членство во НАТО донесена во Собранието, на овој пратенички состав му припадна честа во име на сите нивни претходници во пратеничките клупи и на сите граѓани да го ратификува овој документ, кој е влог во безбедносната иднина на нашата земја.
– Силна е таа симболика, тој чин на пристапување во најмоќниот безбедносен сојуз во светот – рече Спасовски и посочи на самитот на НАТО во Лондон лани во демекври каде Северна Македонија ја потврди определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност, градење силни транснационални односи во Алијансата заснована на демократски вредности како основа за заеднички просперитет и напредок на сите земји членки.
Тој нагласи дека аспиранциите за членството во ЕУ и НАТО во изминатите речиси 30 години беа константа како наши стратешки определби, но тоа не беше лесно, рече Спасовски и укажа на одлуките на поранешниот премиер Зоран Заев.
Напомена дека сега кога и формално ќе станеме триесеттата членка на НАТО, во годината на седумдесетиот роденден на Алијансата, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат.
В.д. претседателот на ПС НАТО, Атила Местерхази, по изгласувањето на Законот за Ратификација на Северноатланскиот совет истакна дека ние го заслуживме нашето место со определбата и активната посветеност на постигнувањето на евроатланската безбедност и оти покажавме дека сме подготвени и спремни да ги прифатиме обврските на сојузникот НАТО.
Според претставникот на НАТО, патот на земјата кон НАТО не бил секогаш лесен.
– Ни требаше големо трпение и политичка храброст за да се надминат историските разлики со вашиот сосед. Меѓутоа сите напори се исплатеа. Вие навистина го заслуживте вашето место со вашата определба и активна посветеност на постигнувањето на евроатланската безбедност. Вие веќе покажавте дека вашата земја е подготвена и спремна да ги прифати обврските на сојузникот НАТО – рече Местерхази. Како членка на НАТО, додаде тој, вашата безбедност ќе биде и наша безбедност.
Лидерот на ДУИ Ахмети на седницата истакна дека ратификацијата на Протоколот за зачленување во НАТО е историски ден за Северна Македонија и оти на овој ден вреди да се потсетиме и да ги спомнеме сите припадници на НАТО, кои го дадоа животот за слободната која отсуствуваше во различни простори, за отсутната демократија, за мирот и стабилноста што беа оспорувани.
– Јас сум горд што веќе 20 години ниту еднаш не ја изгубив вербата, ниту еднаш не го изгубив трпението, туку верував во големите пријатели, во големите сојузници и државите кој го водеа овој толку силен и мирен сојуз ширум светот – рече Ахмети.
Нашето место, дополни, се вбројува и станува значајно колку и овие значајни држави. – Нашата земја, како мала земја, која никој не ја познаваше, денеска е 30-та членка на НАТО, нагласи Ахмети.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески изрази благодарност до сите кои дале свој придонес во остварувањето на нашата цел членството во НАТО.
– Во мое име и во име на сите пратеници од пратеничката група искажувам огромно задоволство и чест што сме дел од овој парламентарен состав, дел од парламентарното мнозинство кое даде значаен придонес за оваа историска одлука – рече Митрески.
– Нашата стабилност, нашата безбедност веќе никогаш нема да биде доведена во прашање. Иднината на нашата држава е загарaнтирана – рече Митрески.
Тој посочи на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој, како што кажа, со неговата лидерска визија и храброст успеал да се справи со проблемот кој ја мачеше нашата држава со децении наназад и поради кое со години бевме блокирани на нашиот евроатлански пат.
И честита на опозицијата дека конечно прифаќа да станеме членка на НАТО под новото уставно име Република Северна Македонија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била за влез на Република Македонија во НАТО. Потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше иницијатор на предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО на Македонија.
– Полноправното членство во НАТО е остварување на една од стратешките цели на Македонија. Безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата секогаш биле приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија која што прва си ја поставила оваа стратешка цел имаме одговорност пред граѓаните да ја исполниме, иако денес тоа го правиме во услови на некоја друга реалност.
Нола Исмајловска Старова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, исто така потенцираше дека заокружуваме сон на многу генерации со кој државата станува триесетта членка на НАТО.
– Им овозможуваме на идните поколенија да стојат рамноправно, рамо до рамо со најмоќните светски сили и во нив да имаат свои соборци и сојузници. Денес отпочнува ново поглавје во македонската историја, поглавје кое ги слави успесите и најавува нови победи и потврдува дека имаме капацитет – рече Исмајлоска-Старова.
Таа во својот говор потсети на 19 октомври 2018 година кога, како што рече, овој парламетарен состав беше исправен пред можноста да и помогне на нашата татковина во чекорот неопходен за продолжување по евроатлантската патека по која сме се обврзале да биде нашиот избор за подобро утре.
Сурија Рушити од Алијанса на Албанците посочи дека денеска се одбележува завршниот чекор кон членство во НАТО Алијансата како триесетта членка. Посочи дека определба и клучен приоритет на Алијансата на Албанците се евроатланските вредности на нашата земја.
Со НАТО почнува нова историја за нас и треба да го искористиме овој историски момент за нашата земја. Покрај надворешна стабилност, во иднина да изградиме многу посилни врски на кохезија внатре, за да може да ги жнееме благодатите од овој компромис, рече лидерот на Алтернатива Африм Гаши во Собранието.
Фадил Зендели од Движењето Беса истакна дека денешниот ден е посебен за сите граѓани во земјава и дека процесот на интеграција во НАТО бил мисија и предизвик на сите политички сили.
Официјалното членство во НАТО значи почеток на реформирање на безбедносниот сектор и одбраната, со цел заемно постапување со Алијансата, но дека не треба да се заборави на, како што рече, длабоките институционални реформи – економски, социјални и особено во правниот систем.
Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи истакна дека сите придонеле на патот кон НАТО, но дека главниот придонес го дал поранешниот премиер Зоран Заев кој, како што рече, „упорно и смело го туркаше процесот напред“.
Порача дека Албанците не го оспоруваат идентитетот на Македонците, но дека по денешниот чин треба да се менува и поимот за Албанците кој, според него, е потценувачки.
На седницата присуствуваа и Мирослав Туѓман, пратеник и шеф на Хрватската делегација во ПС НАТО, Василика Хуси, потпретседател на албанскиот Парламент, Цвета Карајанчева, претседател на бугарското Собрание и Генци Ниманбегу, претседател на Парламентот на Црна Гора. Седницата ја следеа и поранешни претседатели, премиери, лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како и претставници од општествениот и јавниот живот и дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО.