Јас сум претседател на сите, без разлика кој ме предложил или гласал за мене. На седницата на Советот за безбедност го поканив и лидерот на опозицијата. Така ќе правам и натаму, бидејќи одбраната и безбедноста на државата не се ничија лична работа, рече претседателот на државата Пендаровски на средба со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која присуствуваа членови и нивни заменици од власта и од опозицијата.
Пендаровски позитивно ги оцени реформите во безбедносната сфера и го истакна фактот дека се поддржани и од власта и од опозицијата. На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба во Македонија во доменот на одбраната и безбедноста, како и за состојбата во регионот.
Претседателот ги информираше членовите на комисијата дека до сега 22 држави го завршија процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, додека кај преостанатите седум земји-членки нема политички пречки процесот да се заокружи.
Во контекст на безбедноста во регионот, став на државниот врв, информираше Претседателот, е дека промена на границите на Балканот е опасна идеја.
На средбата Пендаровски беше информиран за тековната работа на комисијата и за носењето на законите од безбедносната сфера. Членовите на комисијата позитивно ја оценија можноста за средба со претседателот на државата и ја нагласија неговата улога за надминување на поделбите во општеството. Пендаровски посочи дека и во иднина редовно ќе се одржуваат заеднички координации и ќе има редовна комуникација со комисијата.