Пендаровски утре во официјална посета на Србија

59

Претседателот Стево Пендаровски утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Република Србија каде ќе биде примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Пендаровски, утре во Палата Србија во Белград, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има тет-а-тет средба со српскиот претседател Вучиќ, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Северна Македонија и на Република Србија.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, и со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.

Во рамки на официјалната посета, Пендаровски ќе оствари средба и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија, Марко Чадеж и српски стопанственици.

Во сабота, Пендаровски во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...