Пендаровски: Сработивме и заслуживме датум за преговори со ЕУ

196

Очекувам на средбите во Брисел да добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму се во насока нашата земја да добие датум за почеток на преговори, вели во интервју за ДВ, претседателот Стево Пендаровски.

Утре со неговиот тим на соработници заминува во работна посета на Брисел, што е негова прва официјална посета по стапувањето на претседателската функција.

– Мојата прва работна посета како претседател на Република Северна Македонија е во Брисел, главниот „штаб“ на Европската Унија, на НАТО и на европските институции. Посетата носи симболична порака и е со прецизна агенда и намера да им укажеме на сите со кои ќе имаме средби, особено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Република Северна Македонија го исполни во целост својот дел од обврските. Јасно да пренесеме како ние гледаме на севкупната констелација на политичко-безбедносните аспекти и предизвици кои постојат на Западниот Балкан. Овде, првенствено мислам на аргументот дека сме единствена земја во регионот во која опозицијата е во Парламентот, единствена во која функционираат сите институции, единствена која нема ниту едно отворено прашање со соседите. Меѓутоа, не треба да се заборави и дека во регионот сè уште постојат одредени политички структури и поединци кои заговараат концепти за решавање на преостанатите проблеми, кои се не само анахронизам во 21-от век, туку претставуваат и потенцијална опасност за регионалната стабилност и безбедност.  Очекувам дека на средбите во Брисел ќе добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму, без исклучок, се во насока на тоа дека нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, и тоа не само поради поширокото опкружување, туку пред сè, поради фактот дека тоа го сработивме и заслуживме – вели Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...