Јавноста и натаму очекува објава на името на заедничкиот претседателски кандидат на коалициските партнери СДСМ и на ДУИ, што го договорија лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети. Како што беше најавено по нивната средба во средата, името на кандидатот треба да биде објавено денеска, а во меѓувреме течат консултациите за приклучување и на Алтернатива и ДПА, како и на други партии.
Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Висок функционер од СДСМ вчера за Плусинфо брифираше дека изборот на заедничкиот кандидат за шеф на државата е стеснет помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Заев ќе треба да пресече дали ќе оди со надпартиски кандидат или со партиско решение.
Од ДУИ пак, брифираат дека сѐ уште во игра се четирите кандидати, односно Спасовски, Пендаровски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
СДСМ за в недела најави конгрес на кој ќе биде промовиран кандидат за претседател. На конкурсот на оваа партија за пријавување кандидати за претседател на државата, што заврши на 19 месецов, единствена позната е кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
За лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатот на СДСМ и ДУИ ќе биде „најмалку консензуален. Двете партии ќе поддржат заеднички кандидат, според Мицкоски, за да го намалат поразот на претседателските избори и кратко да ја продолжат политичката кариера на политичарите од тие две политички партии.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.