Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска се сретна со претставници на иницијативата „Стоп за извршителите“, соопшти Кабинетот на претседателот.
Од таму информираат дека на средбата, претставниците на иницијативата во детали ја образложиле ситуацијата во којашто се наоѓаат како и нивните иницијативи за разрешување на состојбите во насока на времен мораториум на извршувањето на долговите кон физички лица, ревизија на работата на извршителите, почитување на постапката на застареност на долговите согласно законот за облигациони односи и постоење на lex specialis, т.е. закон за бришење на долгови.
– Пендаровски на состанокот искажа поддршка на основното барање на иницијативата „Стоп за извршителите“, односно дека е потребно да се изнајде решение за оваа категорија на граѓани во најскоро можно време. Пендаровски се заложи дека од надлежните институции ќе побара што поскоро детално да ги разгледаат барањата на иницијативата „Стоп за извршителите“, со цел да се утврди на кој начин би се дошло до конечно решение на нивните проблеми, се вели во соопштението.