Пендаровски: Со единство да градиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина

36

Секоја генерација носи одлуки кои ја одредуваат судбината на народот и иднината на државата. Споредувајќи ги и вреднувајќи ги историските епохи, нашата антифашистичка генерација сигурно се издвојува според маркантноста на своето дело, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во видео – обраќањето по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

– Драги сограѓани, ние сме вечни должници на таа генерација учесници во големото народно востание. Затоа е нужно да бидеме свесни за нашата одговорност во чувањето на државата и слободата извојувана пред многу години. Тоа е возможно само ако го следиме нивниот пример и ја преземеме нашата генерациска одговорност. Преку граѓанско помирување и солидарност да постигнеме внатрешно единство ако сакаме да ја реализираме нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна и просперитетна држава – членка на НАТО и на Европската Унија – потенцира Пендаровски.

Со единство за најважните работи, вели претседателот, да градиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина.

– Со такво единство да создаваме праведно, слободно и здраво општество во кое мора да има место за секого. Здруженоста на различните и солидарноста меѓу нас се клучот на секој успех, услов за постигнување на секоја благородна и праведна цел, а таква имаме пред нас! Нека ни е честит Денот на народното востание! – стои во видео-обраќањето на претседателот Пендаровски по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...