Пендаровски: Скопје и Белград имаат исти цели и грижи

163

Србија и Северна Македонија се соседни земји кои немаат отворени прашања, а делат заедничка историја и имаат заедничка цел – членство во ЕУ, истакнува претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Политика“ во пресрет на денешната официјална посета на Белград.

– Немаме отворени билатерални прашања, а имаме заеднички цели и грижи, да градиме општества во кои нашите граѓани ќе имаат добар квалитет на живот и во кои младите луѓе нема да се иселуваат и ќе добиваат шанса да успеат дома – вели Пендаровски.

Врските меѓу двете земји, уакажува шефот на државата, не ги градат само институциите, туку и бизнисот, како и многубројните семејни релации меѓу граѓаните од двете земји.

Пендаровски очекува на денешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ да имаат позитивни разговори за многу теми од заеднички интерес, а пред сѐ, за политичките, безбедносните и за економските прашања.

– Иако Македонија наскоро ќе стане членка на НАТО, а Србија има неутрална политика, двете земји имаат одлична одбранбена и безбедносна соработка, која очекувам да продолжи и во иднина. Како соседи, Србија и Македонија делат заеднички грижи за безбедносното опкружување и имаат многу програми за размена и обука. Имајќи предвид дека стратешка цел на двете земји е членство во ЕУ, соработката во одбраната и безбедноста ќе продолжи и во рамките на европските иницијативи – вели претседателот Пендаровски во интервјуто за „Политика“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...