Пендаровски: Сите кои се или биле на власт треба да се извинат за иселувањето

243

Сите кои се на власт и кои биле на власт, на некаква функција, треба да да му се извинат на македонскиот народ што не направиле доволно да го спречат иселувањето, и тој стравично лош демографски тренд да не го користат во своите дневно-политички агенди, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски во врска со неговата изјава дадена во Нови Сад дека доколку не бил претседател би се иселил од државата.

– Ви тврдам, малку подолго сум во оваа јавна работа која ја нарекуваат политика и малку повеќе години имам за да паметам, не постои ниедна политичка партија во оваа земја, ниеден претседател, ниту еден премиер, од 90 -та до денес, кој може да се пофали со големи резултати во намалување на негативните трендови во таа област. Ако некој мисли за време на оваа партија беше лошо, а во наше време не се иселуваа младите, тој греши. Да не го лажеме народот и граѓаните – изјави Пендаровски по денешната средба со раководството на ССМ.

Пендароврски вели дека треба да се погледне поширокиот контекст на неговото излагање на конференцијата во Нови Сад, кое е извртено поради политички цели.

– Јас воопшто не зборувам ниту за ВМРО ниту за СДСМ, јас зборувам за изгубените европски перспективи според она што го имаме од 18 октомври натаму. Јас зборувам – ако не ви даваат со години и години да отворите поглавје и ако тие преговори понатаму траат со години и години, а допрва чекаме методологија која не знаеме каква ќе биде, дали ќе го пролонгира, ќе го комплицира процесот, кога би бил млад човек и кога би ми рекле, дајте уште 20-30 години почекајте, а во меѓувреме ќе биде стандардот 400-500 евра, кој млад човек би рекол – да јас би го потрошил единствениот живот што го имам, па ќе почекам, не е проблем. Значи во таа смисла – образложи Пендаровски.

Претседателот истакна дека сите кои биле власт не направиле доволно да ги спречат девастирачките демографски тенденции заради кои во 2011 година не се направи попис.

– Не сме направиле доволно да ги спречиме тие девастирачки демографски тенденции заради кои во 2011 година не можевме ниту попис да направиме, затоа што при крај беше прекинат со директна политичка интервенција, кога се виде всушност колку малку луѓе останале во земјата и тоа беше пред осум години. Можеме да замислиме ако во 2020 или 2021 година направиме попис колку ќе не пребројат. Ние сме минимум половина милион помалку од тоа што бевме во поранешна Југославија – посочи Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...